Достапни линкови

Софија Ристевска: Словенците го разбраа нашиот концепт на неслободата


Театарската претстава „Жени без маж и ништо повеќе“ во режија на Софија Ристевска и продукција на Малиот драмски театар од Битола.
Театарската претстава „Жени без маж и ништо повеќе“ во режија на Софија Ристевска и продукција на Малиот драмски театар од Битола.

Претставата „Жени без маж и ништо повеќе“ во режија на Софија Ристевска и продукција на Малиот драмски театар од Битола, е победник на годинешното 19 издание на Фестивалот на изведувачки уметности „Експонто“ што заврши викендов во Љубљана. Наградата со директно гласање ја доделува публиката, а овојпат во конкуренција се најдоа 14 проекти од повеќе европски држави и реномирани театри.

Софија Ристевска, Малиот драмски театар од Битола и воопшто македонскиот театар имаат убава причина да се радуваат. „Жени без маж и ништо повеќе“, работена според драмата на Лорка „Домот на Бернарда Алба“, по премиерната изведба и наградата за најсовремен и иновативен прочит на претстава врз класична драма со сосема нова режиска и актерска интерпретација на 23. Национален фестивал на мали театарски форми и 2. Меѓународен фестивал на Новата Европска Театарска Акција - НЕТА во Враца, соседна Бугарија, е победник и на 19-от Фестивал на Фестивалот на изведувачки уметности „Експонто“ што се одржа во Љубљана.
Се радувам што публиката ни ја додели првата награда во исклучително голема конкуренција. И тоа беше за нас и лично за мене најважното нешто. Публиката комплетно го разбра нашиот концепт, концептот на неслободата и како тоа човечкото тело се моделира и деформира, како човекот психолошки изумира кога живее во една ситуација и средина на неслобода.
Софија Ристевска, режисерка.

„Се радувам што публиката ни ја додели првата награда во исклучително голема конкуренција. И тоа беше за нас и лично за мене најважното нешто. Публиката комплетно го разбра нашиот концепт, концептот на неслободата и како тоа човечкото тело се моделира и деформира, како човекот психолошки изумира кога живее во една ситуација и средина на неслобода“, истакнува Ристевска, која по трет пат со Малиот драмски театар од Битоа учествува на „Експонто“ и која во 2009 година на Фестивалот ја освои втората награда со „Граница“ на Венко Андоновски.
Режисерката Софија Ристевска.
Режисерката Софија Ристевска.

Таа за наградите вели дека секогаш се добредојдени, но дека за неа е побитно тоа што луѓето со кои работи ги прифаќаат нејзините идеи.
Ако е продуцентот храбар и ако верува во својата трупа, во својот тим, својот режисер, во своите актери и притоа им дозволува слобода, слобода на творење, тогаш продуктите се храбри, интересни и современи. Јас на Благој Стефановски бескрајно му се заблагодарувам затоа што ми дозволи во еден независен проект да ангажирам девет професионални глумци и да го овозможи мојот сон, мојот проект да се случи.
Софија Ристевска, режисерка.

„Наградите се добредојдени и секогаш се многу пријатни. Потврда се за тоа дека претставата допрела до публиката, до жири комисијата до оние што ја гледале, но за мене најголема потврда е тоа што моите глумци и луѓето со кои што работам сакаат да работат, ги прифаќаат моите идеи и храбро влегуваат во тоа што го работиме.“

Говорејќи, пак, за независната театарска сцена во земјава и за соработката со продуцент и директор како Благоја Стефановски, режисерката која досега има потпишано над 20 проекти, со дополна:

„Ако е продуцентот храбар и ако верува во својата трупа, во својот тим, својот режисер, во своите актери и притоа им дозволува слобода, слобода на творење, тогаш продуктите се храбри, интересни и современи. Јас на Благој Стефановски бескрајно му се заблагодарувам затоа што ми дозволи во еден независен проект да ангажирам девет професионални глумци и да го овозможи мојот сон, мојот проект да се случи.“

Ристевска деновиве во Детскиот театарски центар на Бајруш Мјаку ја завршува претставата за млади „Касета“ чија премиера треба да се одржи во средината на октомври, потем се подготвува за уште еден независен проект и нова соработка со Охридски театар.

Инаку, во „Жени без маж и ништо повеќе“, за која театарските критичари ќе забележат дека е „ефектна слика за теророт, тиранијата и човечките нарушени односи“, играат Јоана Поповска, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Борче Ѓаковски, Никола Пројчевски, Петар Спировски, Здравко Стојмиров и Александар Стефановски. Драматург е Билјана Крајчевска, за кореографијата бил задолжен Кире Миладиновски, сценографијата ја потпишува Даниела Димитровска, а костимите се дело на Андреј Ѓорѓиевски и Викторија Арсовска. По премиерните изведби во Враца и во Битола, претставата беше прикажана и на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица, на годинешното „Скопско лето“, во Куманово и на „Експонто“ во Љубљана.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG