Достапни линкови

Опозицијата подготвена за предвремени избори


Архивска фотографија.
Архивска фотографија.

Доколку власта сака предвремени избори, опозицијата е подготвена на тоа, вели градоначалникот на Карпош од СДСМ Стевчо Јакимовски.

Доколку нараснувачката и призната криза во владината коалиција предизвика распишување на предвремени избори, опозицијата е подготвена за нивно одржување и ги посакува, изјави градоначалникот на општина Карпош од СДСМ, Стевчо Јакимовски во интервјуто за Радио Слободна Европа што ќе се емитува в недела.
Сите политики, и економски, и социјални, и земјоделски, а особено надворешната политика е крахирана од оваа влада и затоа сметаме дека нема повеќе кредибилитет да остане, што значи дека доколку сакаат предвремени избори, опозицијата е подготвена, а уште повеќе што заедно со нивниот коалиционен партнер, евидентно дека ги ескалираат етничките тензии во Македонија.
Стевчо Јакимовски, СДСМ.

„Сите политики, и економски, и социјални, и земјоделски, а особено надворешната политика е крахирана од оваа влада и затоа сметаме дека нема повеќе кредибилитет да остане, што значи дека доколку сакаат предвремени избори, опозицијата е подготвена, а уште повеќе што заедно со нивниот коалиционен партнер, евидентно дека ги ескалираат етничките тензии во Македонија“, изјави Јакимовски.

Евентуалните парламентарни избори се прифатливи и за опозициската НСДП, вели нејзиниот лидер Тито Петковски и покрај тоа што, како што потенцира, владејачката партија упорно избегнува да ги донесе основните документи кои се предуслов за фер и демократски избори како што е изборниот законик. Без прочистен избирачки список и спроведување попис по многу години, секое излегување на избори е политичко самоубиство, појаснува Петковски. Но и во такви услови, според него, на евентуалните избори би пресудило незадоволството на граѓаните.
Мислам дека би било сосема нормално да почнат тие подготовки околу промената на регулативата. И онака во март имаме локални избори, па едновремено да се одржат и локалните и парламентарните.
Тито Петковски, НСДП.

„Мислам дека би било сосема нормално да почнат тие подготовки околу промената на регулативата. И онака во март имаме локални избори, па едновремено да се одржат и локалните и парламентарните“, вели Петковски.

Во најголемата партија на власт не се изнесуваат јасни изјави околу можните разврски на затегнатата состојба која започна минатиот месец со посетата на министерот за одбрана Бесими на Слупчане, а се разгоре со влегувањето на законот за бранителите во собраниска процедура на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали оваа партија е подготвена на предвремени избори, нејзиниот лидер, премиерот Груевски рече дека избори не посакуваат, но дека доколку ДУИ повлече таков потег, тие се подготвени на таква опција.

Од ДУИ велат дека не се точни коментарите на опозицијата дека станува збор за фингирана криза со цел да се предизвикаат предвремени парламентарни избори туку за емотивна реакција на нивниот коалиционен партнер и дека во оваа партија досега не се размислувало за предвремени избори туку за тоа како да се попречи донесувањето на законот за бранителите и додава:

„Ако мнозинството мисли дека треба да се распушти парламентот, ние таквиот предлог може да го разгледаме и да го ставиме на дневен ред“, изјави Талат Џафери од ДУИ.
XS
SM
MD
LG