Достапни линкови

109 години од Илинденското востание и 68 години од АСНОМ


Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски држи говор пред Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.
Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски држи говор пред Меморијалниот центар АСНОМ во кумановското село Пелинце.

Македонија денеска го слави веројатно најголемиот празник. Двата историски Илиндена се одбележуваат со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце.

И по 109 години од Илинденското востание и 68 години од Заседанието на АСНОМ идеалите на илинденците и на асномците се дел од нашето секојдневие и дел од визијата за нашата иднина, просперитетна Република Македонија, држава на рамноправни граѓани. Затоа со полно право денес имаме причина за славје и гордост. Вака шефот на државата Ѓорге Иванов им го честита денешниот празник на македонските граѓани. Во неговата илинденска честитка меѓудругото пишува:
Пред нас стојат нови искушенија и предизвици. Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество.
Ѓорге Иванов, претседател на Македонија.

„Драги сограѓани, пред нас стојат нови искушенија и предизвици. Обединети и сложни да продолжиме посветено да работиме на изградба на модерно, просперитетно и европско општество.“
Претседателот Иванов на вечното почивалиште на Питу Гули во Крушево.
Претседателот Иванов на вечното почивалиште на Питу Гули во Крушево.

Македонија денеска го слави веројатно најголемиот празник. Двата историски Илиндена се одбележуваат со народни собири на Мечкин Камен во Крушево и во Меморијалниот комплекс АСНОМ во кумановското село Пелинце. На централното чествување во Крушево присуствува претседателот Ѓорге Иванов. Делегацијата положи цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што ќе се одржува голем народен собир.
Денес нашата задача е да ја внесеме Македонија во ЕУ и НАТО. Сплотеноста е патот. Обединети и сложни, со силна љубов кон својата земја, со патриотизам, со здрави вредности.
Трајко Вељаноски, претседател на Собранието.

Премиерот Никола Груевски положи цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена борец“ и на споменикот на Методија Андонов-Ченто, во центарот на Скопје. Делегација на Собранието предводена од претедателот Трајко Вељаноски е во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце. Во своето обраќање пред граѓаните, Вељаноски изрази надеж за европска иднина на земјата.

„Денес нашата задача е да ја внесеме Македонија во ЕУ и НАТО. Сплотеноста е патот. Обединети и сложни, со силна љубов кон својата земја, со патриотизам, со здрави вредности.“

Како и секоја година, во Крушево денеска пристигнуваат и коњаниците кои традиционалниот Илинденски марш го почнаа од скопско Горно Лисиче на 27 јули.

Во битолското село Трново ќе се одржи 41. Светска македонска средба, во организација на Матицата на иселениците, Светскиот македонски конгрес и Сојузот на Македонците од Егејот „Македон“.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена.

Четириесет и една година подоцна во манастирот Прохор Пчињски, 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ, на кое Македонија е прогласена за рамноправна федерална држава во рамките на Југославија. Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG