Достапни линкови

По неколку дена во редица за субвенции


По најмалку два дена и по повеќе часови, земјоделците од кумановско чекаат ред да аплицираат за субвенции во подрачната единица на Министерството за земјоделство.

Земјоделците од поширокиот кумановски регион по најмалку два дена и по повеќе часови стојат во редици пред влезот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Куманово. Иако износот на субвенциите не е многу висок, тие се обидуваат колку-толку да добијат од она што го ветува и го исплатува државата.
Многу е сложена процедурата, некои ни од минатата година не земале, а ние се надеваме следната година дека ќе ги земеме. Не сум во пензија, живееме од земјоделство шест члена. Крпи и лепи, тешко е!
Милован Најдановски, земјоделец од Долно Којнаре.

Како што велат, годинава процедурата за пријавување е упростена, има голем број вработени, се работи електронски, а сепак губат време. Раководителот Насер Даути, пак, вели дека 18 вработени за пријавување на земјоделците со само шест компјутери програмирани за тоа, не можат брзо и ефикасно да ја завршат работата.

Земјоделците се нервозни зашто на високи температури стојат пред влезот, додека на нивите работата им останува незавршена.
Земјоделците нема зошто да губат денови. Тие доаѓаат еден ден, земаат бројчиња и им се закажува кога пак треба да дојдат. Оваа година е со електронска форма, земјоделецот ќе дојде кај вработениот според бројчето, а потоа ќе биде регистриран. Тие што имаат закажано за денеска, ако имаат промени во капацитетите, за сточарство на пример, треба да се ажурираат во единствен регистер за земјоделско стопанство, па потоа нивните барања да ги ажурираме во директни плаќања.
Насер Даути, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Куманово.

„Јас сум земјоделец пензионер од Старо Нагоричане. Многу бавно оди. Процедурата не е како што се зборува на телевизија. Имам два хектара, минатата година земав 18 илјади денари. Гледам дека процедурата не е упростена. Некои и по четири денови губат чекајќи“, вели Цветко Марковиќ.

Милован Најдановски од селото Долно Којнаре, пак, додава:

„Многу е сложена процедурата, некои ни од минатата година не земале, а ние се надеваме следната година дека ќе ги земеме. Не сум во пензија, живееме од земјоделство шест члена. Крпи и лепи, тешко е!.“

Екрем Алајдини од липковското село Ропаљце реагира:

„Два-три дена доаѓам за да дојдам на ред. Од Ропаљце сум, не сум од град, имам трошок. Патот го плаќам, сега е летно време, треба да се коси, да се работи. Ни лани не земав, ниту годината пред тоа, ниту за млеко, ниту за крави, а десетчлено семејство.“

Земјоделецот Драган Колевски од Пчиња додава:

„Од ваква гужва и лани не успеав да земам. Сега пак исто. Четврти пат доаѓам, а за денеска имам закажано. Само од земјоделство живеам. Шестчлено семејство.“
Втор ден доаѓа и земјоделец од Пезово, иако пред 15 дена имал закажано, но поради долгата редица не успеал да се пријави.

РСЕ: Зошто толку се чека?

„Процедурата е олеснета, но прашајте ги нив зошто толку се чека, не ли им е јасно нешто, дали кафе пијат.“

Раководителот Даути објаснува:

„Земјоделците нема зошто да губат денови. Тие доаѓаат еден ден, земаат бројчиња и им се закажува кога пак треба да дојдат. Оваа година е со електронска форма, земјоделецот ќе дојде кај вработениот според бројчето, а потоа ќе биде регистриран. Тие што имаат закажано за денеска, ако имаат промени во капацитетите, за сточарство на пример, треба да се ажурираат во единствен регистер за земјоделско стопанство, па потоа нивните барања да ги ажурираме во директни плаќања.“

Според Даути, годинава има околу 10 илјади апликанти. Тие што се со расчистени имотно-правни односи законски може да аплицираат. Рокот по одлука на Владата е пролонгиран до 31 јули.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG