Достапни линкови

Дневен печат - СДСМ на работно лето


Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.
Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски.

Митинзите, средбите со граѓани и зачестеното појавување на опозиционерти меѓу граѓаните - тема во дневните весници.

Се чини вистинска атракција за новинарите беше излегувањето на Црвенковски на терен и тоа заедно со нив, во автобус - на браната Козјак, изградена во време на владите на СДСМ. Па Утрински наслови „Црвенковски од Козјак го поздрави Груевски - промовирајќи нов стил“, а Дневник дури го спореди со Обама: „Црвенковски на Козјак како Обама, само што нема авион“, а од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат - пренесува Дневник, дека „нивните влади завршиле поголем дел од работата на браната Козјак“.
Црвенковски од Козјак го поздрави Груевски - промовирајќи нов стил.
Утрински весник.

„Нервоза во СДСМ поради слабиот одзив на митинзите“ - смета Вечер, насловувајќи дека „Штипјани не излегоа да го пречекаат Бранко“.

Дневник пишува дека СДСМ го мобилизира Штип и го цитира Црвенковски кој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ во источниот регион на земјава направил пустош и дека на исток ќе помине како Хитлер на источниот фронт.
СДСМ краде земјоделци и патриоти од ВМРО-ДПМНЕ.
Нова Македонија.

Вечер го цитира главниот опонент на Црвенковски, Бучковски, и во насловот го цитира: „Црвенковски е браната што не дозволува да потече река народ“.

Нова Македонија, пак, смета дека „СДСМ краде земјоделци и патриоти од ВМРО-ДПМНЕ“, забележувајќи дека опозициската партија одбрала да лови гласови по селата, зашто населението во нив, без разлика како ќе гласа, можело лесно да се користи за негативна кампања против власта.

За партиските поместувања во ДУИ пишува Дневник, кој објавува дека „на двете роденденски прослави не присуствувала Ермира Мехмети и Џеват Адеми, како и струшкиот градоначалник Мерко“, и дека „Ермира ја загубила битката со Теута Арифи“.

Дневниот Фокус исто така се занимава со внатрепартиски превирања: „По јатрвите во ДУИ се скараа ли и братучедите“, па прашува зошто Мијалков не дошол на роденденот на ВМРО-ДПМНЕ.

Дека државава и народот ни се премногу партизирани покажува реакцијата на Ден на вестите дека деновиве Владата инвестира во нова кампања со која ги повикува успешните студенти да му се приклучат на „новиот бран“ и на владејачката партија, а Утрински, статијата со истата тема ја насловува: „Учи многу за да станеш член на партијата - зошто некои од стоте најдобри студенти во реклами објавуваат дека станале членови на ВМРО-ДПМНЕ?“.

И во меѓувреме, Нова Македонија пишува дека државава е со една нога во рецесија, зашто и во наредниот период може да дојде до дополнително намалување на производството и на економската активност кај македонските компании.

А Ден по извесното поскапување на струјата и парното, насловува: „Струјата ќе пече, парното ќе гори“.

Дневниот Капитал прашува зошто Владата му искешира 5 милиони евра на Виз ер, всушност државни пари за субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG