Достапни линкови

Да се јават заедниците


Марјан Забрчанец,Извршен директор на Младински образовен форум
Марјан Забрчанец,Извршен директор на Младински образовен форум

Градот е турбо фолк. И мојот град и твојот град. Градоначалници носат шунд пејачки на плоштади со општински пари, пари на граѓаните, а за алтернативните артисти салите се затворени, и нивните дела најгрубо цензурирани. И за сето ова време цензурата добива поддршка од голем број граѓани, од државата, од верските заедници, иако е забранета со Устав. - пишува за РСЕ Марјан Забрчанец,Извршен директор на Младински образовен форум

1.
Никој не гласал дури ни за Чак Норис. Вака Радио МОФ се пошегува со изборот на претседател на Сојузот на студенти во Штип, откако простата математика покажа дека вкупниот број на гласачки ливчиња до последно се поклопува со вкупниот број на освоени гласови на кандидатите. Немало ни едно неважечко ливче, од вкупно 4.732 ливчиња во наполнетите кутии.
Ова пројде скоро незабележано, без реакција од студентите и Универзитетот, без реакција од ни еден од традиционалните медиуми и без реакција од било кој од четворицата кандидати на изборите. За ситуацијата да стане уште појасна, на фејсбук се појавија статуси во кои студенти од штипскиот државен универзитет сведочат дека излегле на избори и лично го поништиле гласачкото ливче.

Разоткриени се, но што со тоа? Не им е ни прв пат, не се ни први што го прават ова. 22 години се случува ова во независна Македонија. И сето тоа време крива е онаа мала заедница која ги разоткрива, ги објавува, ги прашува и ги демистифицира преку прост збир на бројки. Тоа е заедницата која порано беше обвинувана дека ја загадува академската средина, а сега дека е пратена од семоќниот да ја растура студентската идила во Македонија.
Заедницата ќе мора да порасне ако сака да и се брои гласот, макар бил даден и за Чак Норис.


Заедницата ќе мора да порасне ако сака да и се брои гласот, макар бил даден и за Чак Норис.

2.
Верувам дека чаршинските паркинзи за запрежни коли од минатиот век биле поорганизирани од новата паркинарина на Општина Центар која агресивно го завладеа Капиштец. Станари, подстанари, управителни на компании, граѓани со службени коли, најчесто млади трчавме избезумени во потрага по паркинг налепница за користење на јавните паркинг површини во населбата. Во медиуми објавуваат дека паркингот е бесплатен, а на шалтер наплаќаат 350 денари, ве повикуваат да си ја подигнете налепницата, а не ви е спремна, ви праќаат СМС да одите на првиот пункт, а се преместиле кај вториот. И кога конечно ќе ви ја залепат налепницата на автомобилот, остатокот од неа го фрлаат на улица, а на него се вашите лични податоци. Скриена камера.

И за сето тоа време од спротивната страна стои толпа. Мирна, ама нервозна толпа, со по некое друже низ неа кое пробува да им се изнасмее во фаца на паркинарите и со тоа да внесе хумор во трагедијата. Секој дошол заради мака, брза да добие налепница и да се тргне од 2-неделното бркање пунктови. Единствено оние повозрасните смирено си ја чекаат во ред својата налепница, разговараат за трето, веројатно навикнати низ животот на слични појави.
Во ваквите краткотрајни, но чести шалтерски голготи речиси и да не постои заедница на оштетените, на граѓаните. Динамиката на живеењето оневозможува здружувања на микро ниво, заради остварување мали цели – налепница за паркинг.
Заедниците ќе мора да се создадат од индивидуи кои ќе се здружуваат макар и заради најситни, апсурдни маки.


Заедниците ќе мора да се создадат од индивидуи кои ќе се здружуваат макар и заради најситни, апсурдни маки.

3. Градот е турбо фолк. И мојот град и твојот град. Градоначалници носат шунд пејачки на плоштади со општински пари, пари на граѓаните, а за алтернативните артисти салите се затворени, и нивните дела најгрубо цензурирани. И за сето ова време цензурата добива поддршка од голем број граѓани, од државата, од верските заедници, иако е забранета со Устав. Велат, не е важно што ќе изградат тие, поважно е што ќе изградиме ние. Така е, но дали градиме доволно? Дали онаа река млади која се среќава во Чаршија, во Парк или на подиум ќе ги спаси барем овие три збирни места? Дали е тоа онаа река млади која е свесна за одземената слобода, која смета дека ги знае проблемите, но нема механизми да ги решава и која не се смета повикана да го штити јавниот простор?

Бројната алтернативна заедница ќе мора да дејствува посилно ако сака да врати дел од одземената слобода.
XS
SM
MD
LG