Достапни линкови

Роуд-шоу за странски инвестиции или шоу за политички маркетинг


Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Москва.
Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски на бизнис форум во Москва.

Привлекување странски инвестиции, политички маркетинг или шетање на државна сметка? Ексепертите со поделени ставови.

Владина делегација предводена од премиерот Никола Груевски е во потрага по странски инвеститори во Русија. Во делегацијата се и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за економија Ваљон Сарачини и министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Бил Павлески. Пред две недели, владина делегација беше на роуд-шоу во скандинавските земји, а две недели претходно и во Кина. Во изминативе неколку дена, пак, во посета на земјава беше индискиот милијардер Субрата Рој, а пред помалку од три месеци земјава ја посети и најбогатиот човек во светот, Мексиканецот Карлос Слим.
Ова шетање на нашите владини делегации по белиот свет повеќе има врска со политички маркетинг отколку што има врска со некаков ефект врз македонската економија и дури би можело да се постави прашањето дали покрај политичкиот маркетинг, една од причините за шетањето по белиот свет едноставно е да се прошета на државна сметка.
Здравко Савески, универзитетски професор.

Очигледна е засилената владина активност на планот на привлекување странски инвестиции, велат нашите соговорници, професорот по економија Зоран Ивановски и професорот по политички маркетинг Здравко Савески.
Сепак, имаат различни ставови за причините за засилената активност и за можните ефекти од тоа.
Премиерот Никола Груевски во роуд шоу за привлекување странски инвестиции во Индија на 5 март 2012 година.
Премиерот Никола Груевски во роуд шоу за привлекување странски инвестиции во Индија на 5 март 2012 година.

Савески вели дека е очигледно дека роуд-шоуата досега не дале ефект.

„Очигледно, како и во многу работи, ова шетање на нашите владини делегации по белиот свет повеќе има врска со политички маркетинг отколку што има врска со некаков ефект врз македонската економија и дури би можело да се постави прашањето дали покрај политичкиот маркетинг, една од причините за шетањето по белиот свет едноставно е да се прошета на државна сметка.“
Станува збор за посета и презентација на можностите на државата во пред се економски активни и брзорастечки региони. Од тој аспект сметам дека се географски добро одредени и може да донесат резултати.
Зоран Ивановски, универзитетски професор.

Од друга страна, професор Ивановски вели дека обидите за привлекување странски инвестиции се исклучително значајна владина активност. Тој посочува дека владата прецизно ги идентификувала областите и земјите во светот што не се зафатени со некаков облик на економска криза.

„Значи, станува збор за посета и презентација на можностите на државата во пред се економски активни и брзорастечки региони. Од тој аспект сметам дека се географски добро одредени и може да донесат резултати.“

Ивановски посочува дека, за да има ефекти, власта треба да ги олесни административните бариери и процедурите за добивање македонски визи за граѓаните на азиските земји за да може полесно да инвестираат во Македонија.

Опозицијата обвинува дека владата има погрешна стратегија за привлекување странски инвестиции и оти бадијала троши пари. Од друга страна, министерот за привлекување странски инвестиции Веле Самак во неодамнешното интервју за нашето радио изјави дека не е важно колку чини едно роуд-шоу ако тоа носи резултати. Тој рече дека ефектите од само една инвестиција се неспоредливи со парите потрошени за привлекување странски инвестиции.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG