Достапни линкови

Во Ирска референдум за фискалниот пакт


Денеска во Ирска се одржува референдум за фискалниот пакт на Европската унија. Ирска е единствената членка со Устав во кој се предвидува секој договор во Унијата да биде одобрен на референдум. Евентуалното ирско одбивање на пактот може да ја поткопа клучната иницијатива за решавање на кризата во момент кога во Грција и во Шпанија растат проблемите.

Последните анкети во Ирска покажуваат дека фискалниот пакт би можело да помине со што до извесна мера би се намалиле главоболките на Брисел. Овој референдум е трет што во изминативе неколку години се одржува во Ирска, а кој се однесува на нејзиното членство во Европската унија.
Сега е време конечно да го решиме ова прашање и убеден сум дека ова година ќе видиме дека еврозоната излегува од тешкотиите со кои се соочи во изминатиот период.
Брајан Хејс, заменик министер за финансии на Ирска.

Со фискалниот пакт кој е спонзориран од Германија, меѓу другото, се казнува секоја земја која ќе се задолжи повеќе од договореното.

Ирска веќе има примено спасувачки пакет од 106 милијарди долари од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд.

Владата ги предупреди гласачите дека одбивањето на фискалниот пакт ќе ги загрози шансите на земјата да ообезбеди уште еден таков спасувачки пакет.
Мислам дека фискалниот пакт е исправен. Тој е основен пристап и за него веќе нема да се преговара.
Ангела Меркел, канцеларка на Германија.

Заменик министерот за финансии на Ирска Брајан Хејс неодмна изјави дека прашањето околу фискалниот пакт трае предолго и оти конечно треба да профункционира за да може еврозоната да излезе од кризата.

„Сега е време конечно да го решиме ова прашање и убеден сум дека ова година ќе видиме дека еврозоната излегува од тешкотиите со кои се соочи во изминатиот период.“

Опонентите на пактот, како партијата Шин Фејн, прстот го вперуваат на Грција и Шпанија, наведувајќи дека острите мерки за штедење не даваат резултати.

Со една третина од гласачите кои се уште се неопределени, според посматрачите, се уште постои можност Ирска да изненади и да го отфрли пактот. Впрочем таков беше случајот и со претходните два референдума за Европската унија што се одржаа во таа земја. Првин беше отфрлен Договорот од Ница, а во 2008 година и Договорот од Лисабон кои потоа со извесни поправки успеаа да минат во Ирска.

Најбитно, според посматрачите, е каков ќе биде одѕивот на гласачите. Засега ниту една агенција не може да предвиди дали одѕивот би бил доволен, а владејачката партија побара од членовите да контактираат со пријателите, колегите на работа и пошироките семејства и да ургираат да гласаат за фискалниот пакт. За да мине, неопходно е да го поддржат 60 насто од над трите милиони гласачи во Ирска.

За да стапи во сила фискалниот пакт кој кога беше предложен беше потпишан од сите членки на Европската унија, освен Британија и Чешка, треба да биде ратификуван најмалку од 12 членки на еврозоната.

„Мислам дека фискалниот пакт е исправен. Тој е основен пристап и за него веќе нема да се преговара“, изјави германскиот канцелар Ангела Меркел.

Оваа нејзина изјава дојде откако овој договор беше условен од новиот француски претседател Франсоа Оланд кој излезот од кризата го гледа не толку во острите мерки за штедење колку во мерките за побрз економски пораст.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG