Достапни линкови

Интерпелацијата за Ставрески пред пратениците


Архивска фотографија: Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески зборува на Собраниска комисија за финансирање и буџет.
Архивска фотографија: Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески зборува на Собраниска комисија за финансирање и буџет.

Опозицијата го обвинува Ставрески за, како што велат, катастрофалната економска политика, но владејачкото мнозинство го брани, со што станува извесно дека тој ќе остане на функцијата.

Ставрески мора да си оди затоа што во изминатите четири години не покажа резултати за подобрување на економската состојба и за отворање на нови работни места за граѓаните, смета опозицијата. Покрај ова, од Социјалдемократскиот сојуз велат дека постојат неколку причини поради кои треба да се поддржи интерпелацијата на актуелниот министер за финансии.
Постојаното и континуирано задолжување коешто го прави Министерството за финансии на државата и на граѓаните. Потоа неплаќањето на обврските кон компаниите и креирањето на висока фиктивност во македонската економија.
Марјанчо Николов, СДСМ.

„Постојаното и континуирано задолжување коешто го прави Министерството за финансии на државата и на граѓаните. Потоа неплаќањето на обврските кон компаниите и креирањето на висока фиктивност во македонската економија, неповикувањето на одговорност на надлежните институции, како што се Царината и Управата за јавни приходи, во случајот Детонатор и четврта причина е тоа што се уште не можеме да добиеме информација колку е долгот на државата кон компаниите, податок којшто постојано не се изнесува во јавноста и државата го крие“, изјави Марјанчо Николов од СДСМ.

Господинот Ставрески е тој што има направено масакар со парите на Албанците во Република Македонија. Албанците го полнат буџетот со над 30 отсто од средствата, а за возврат, во вид на инвестиции, добиваат само два отсто од средствата и тоа се ребалансот се укинува и резултатот секоја година е нула отсто од буџетот.
Зијадин Села, ДПА.
За Демократската партија на Албанците овој предлог на опозицијата е прифатлив. Партијата смета дека министерот за финансиии е одговорен за нерамноправната распределба на парите.

„Господинот Ставрески е тој што има направено масакар со парите на Албанците во Република Македонија. Албанците го полнат буџетот со над 30 отсто од средствата, а за возврат, во вид на инвестиции, добиваат само два отсто од средствата и тоа се ребалансот се укинува и резултатот секоја година е нула отсто од буџетот“, вели Зијадин Села од ДПА.

За разлика од опозицијата, од Демократската унија за интеграција не ги прифаќаат барањата за интерпелација на Ставрески. Без да аргументираат зошто се неоправдани причините за интерпелација, оттаму кратко изјавија дека нема да ја поддржат.

„Интерпелацијата е еден од најсилните демократски инструменти, особено во рацете на опозицијата и добро е што нашата опозиција го користи меѓу другото и овој многу важен демократски инструмент, но се разбира дека ние пратениците на ДУИ ќе гласаме против интерпелацијата“, изјави Сузана Салиу од ДУИ.

Ова не е првпат опозицијата да бара интерпелација на Ставрески. Пред две години, Либерално-демократската партија и Нова алтернатива поднесоа предлог за интерпелација до тогашниот вицепремиер и министер за финансии поради лошите економски состојби во државата. По долгата собраниска расправа, овој предлог не беше прифатен од владиното мнозинство.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG