Достапни линкови

Само Турција може да ја спаси Грција


Во говор што предизвика бурни реакции во Атина, турскиот заменик премиер Али Бабчан изјави дека единствен пат Грција да опстане е драматично да ги зацврсти трговските врски со брзо растечката турска економија. Според него, на Грција секогаш и било најдобро кога соработувала со Турција.

Зборувајќи отворено, единствената формула која може да ја спаси Грција е поголема трговска размена со Турција и поголеми турски инвестиции во Грција, изјави деновиве заменик премиерот Али Бабачан во говор одржан во Истанбул, додавајќи:
Грција не е лесна земја за бизнис зделки, но турските фирми би можело да го ублажат тој проблем со купување на постојните грчки компании.
Али Бабачан, заменик премиер на Турција.

„Грција не е лесна земја за бизнис зделки, но турските фирми би можело да го ублажат тој проблем со купување на постојните грчки компании.“

Според Бабачан, како и секогаш во историјата, Грција достигнувала високо ниво на благосостојба кога била блиска со Турција.

„Подоцна или порано, тоа повторно ќе се случи.“

Многу Грци сакаат да градат шопинг центри како оние во Истанбул.
Селим Еџели, копретседател на Турско-грчкиот бизнис совет.
Говорот на Бабачан покажува како економските судбини на двете соседни земји се пресвртија во изминативе години. Турската економија, која долго време живуркаше во кризи и со меѓународни пакети за спасување, сега бележи забрзан пораст, кој годинава може да биде и 8 насто.

Во Грција, пак, каде што нејзините граѓани долго време уживаа во висок стандард на живеење, драматичниот економски пад доведе до меѓународни спасувачки пакети и насилни протести на улиците.

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу минатата година ги праша пратениците во парламентот:

„Зошто не можеме да го правиме она што го направија нашите соседи, Турците?“

Според податоците на Турскиот совет за надворешни економски односи, турските компании сега покажуваат вистински интерес за купување фирми и имоти во Грција која почна да ги приватизира државните компании во повеќе сектори, од енергетскиот до туристичкиот.

„Многу Грци сакаат да градат шопинг центри како оние во Истанбул“, вели Селим Еџели, копретседател на Турско-грчкиот бизнис совет.

Како и да е, некои тврдокорни во Грција не се многу восхитени од говорот на господин Бабачан, посебно не од неговото спомнување на периодот кога Грција беше под Отоманската империја.

Повеќето од нив не сакаат ни да помислат на идејата за прилив на турски инвестиции.

Притоа тие се повикуваат на податоците дека под турскиот ѕвезден економски раст се уште турската економија има голем број слабости, како на пример дефицит од 10 насто од бруто домашниот производ, што ја подгрева загриженоста кај инвеститорите и рејтинг агенциите дека Турција и натаму останува премногу експонирана на надворешни шокови.

Сепак, тие не можат да го одбегнат фактот дека турската економија од 2001 година направи голем напредок, веднаш откако Анкара позајми од ММФ средства во вредност од скоро 14 насто од бруто домашниот производ.

За Грција, предизвиците ќе бидат поразлични, но исто така ќе мора да се модернизира за да креира убедлива успешна приказна.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG