Достапни линкови

Оптимизам меѓу скијачите пред новата сезона


После добро завршените подготовки, македонските скијачи Антонио Ристевски, Дардан Дехари и Маријан Нашоку со оптимизам го очекуваат стартот на новата сезона во алпско скијање.

Охрабрени од добро одработените тримесечни подготовки, во кои имаа и четиринеделни снежни тренинзи на австрискиот глечер Хинтертуркс, селекторот Иван Лесевски и репрезентативците Антонио Ристевски, Дардан Дехари и Маријан Нашоку со оптимизам го очекуваат стартот на новата сезона во алпско скијање. До нејзиниот почеток остануваат уште три недели кои ќе се искористат за финални тренинзи во Хинтертуркс и во Сент Мориц, по што преку 20-ината силни натпревари ќе се води битка за напредок на светската ранг листа и за освојување на барем една норма за настап на Зимските олимписки игри во рускиот Сочи во 2014 - та година.

„Во оваа сезона немаме ниту светско првенство, ниту Универзијада, ниту олимпијата меѓутоа и тоа како имаме обврски да постигнуваме резултати пред се за постигнување норма за претстојните олимписки игри во 2014 година. И оваа година нашите најдобри скијачи ќе настапуваат на квалитетни натпревари, тоа се натпревари од европскиот куп и на уште неколку натрпевари од светскиот куп, тоа ни е целта, да постигнуваме што е можно повисоки резултати“, изјави селекторот Лесевски.

Тој најмногу очекува од нашиот најдобар скијач Антонио Ристевски. Тој е првиот Македонец со пласман подобар од 500-тото место на светската ФИС листа, што е А олимписка норма. Секако, за пат во Сочи актуелната позиција ќе треба да се потврди и во претстојната сезона, во која Антонио најавува уште повисок пласман.

„Очекувањата се дека би требало да напреднам на таа ранг листа. Сега моментално сум 478-ми, а планот е да напреднам уште повеќе. Со оглед на тоа како се подготвуваме се надевам дека ќе успеам тоа да го направам особено во слалом, во веслалом исто така имам подобрување за разлика од минатата година и се надевам дека така и ќе продолжам“, рече Ристевски.

Тој го чека стартот на новата сезона со големо нетрпение и поради најавеното учество на дури пет трки во Светскиот куп - во Алта Бадија (Италија), Загреб (Хрватска), Банско (Бугарија), Кицбил и во Шладминг (Австрија).

„Светскиот куп е нешто многу различно дури и од светско првенство. Тоа е еден наптревар кој на секој скијач му е сон“, истакна Антонио Ристевски.
XS
SM
MD
LG