Достапни линкови

Мариет Шурман, холандска амбасадорка


Мариет Шурман, амбасадор на кралството Холандија во Македонија.
Мариет Шурман, амбасадор на кралството Холандија во Македонија.

Слободата на изразување е клучен елемент на едно отворено демократско општетсво и ние ја споделуваме загрженоста на ЕУ,вели холандската амбасадорка Мариет Шурман.

Ваша екселенцијо, по низата забелешки кои земјава ги доби во извештајот на Европската комисија, дали реално Македонија е подготвена за влез во ЕУ?

Мислам дека тоа веќе беше кажано во извештајот, кој е огледало за тоа каде е Македонија на патот кон Европската унија. Позитивно е тоа што препораката за почнување претпристапни преговори останува, а тогаш започнува вистинскиот процес, за Македонија да се подготви за полноправно членство.

Како ги оценувате напорите на земјата да ги спроведе реформите што од неа се бараат?

Мислам дека извештајот за напредокот е врамнотежен. Тој препознава дека одреден напредок е направен, но исто така укажува дека треба да се направат повеќе напори во некои области, посебно оние кои се однесуваат на владеење на правото, реформите во правосудството и администрацијата, борбата против корупцијата, слободата на медиумите, потребно е повеќе да се направи. Јас би го поддржала тоа. И мислам дека тоа е во интерес на сите Македонци добро да функционира владеењето на правото. Од ова ќе имаат бенефит сите граѓани, но и приватниот сектор.

Каде ги лоцирате најголемите слабости на македонското општество?

Не би зборувала за слабости на општеството. Општеството постои и постојано се трансформира. И сите општества имаат свои предизвици. Мислам дека тие предизвици се во областа на владеење на правото. Најважната работа за секое општество е јасно да ги идентификува предизвиците и да промовира дебата во општеството, меѓу различни заедници во општеството за тоа како да се решат тие и заеднички да креираат визија за иднината, за тоа каде Македонија сака да биде и каква ќе биде нејзината сопствена интерпретација за тоа што е единство во разновидноста, што е суштината на Македонија, а и на Европа.

Деновиве актуелен е пописот. Дали неговиот неуспех може да влијае на влошување на меѓуетничките односи во земјава?

Пописот очигледно е направен да биде објективна вежба, објективно пребројување на жителите. Може да биде успешен ако е направен на отворен, транспарентен и веродостоен начин за резултатот да биде прифатлив за сите. Видовме дека за жал имаше проблеми околу пописот, но не би рекла дека се работи за неуспех, туку дека покажува дека сè уште има некои прашања кои се однесуваат на соработката меѓу заедниците во македонското општество, а на кои треба да се работи.

Но, дали тоа ќе влијае на меѓуетничките односи?

Не, нема да влијае. Тоа е знак дека прашањата треба да се решат. А пописот нема да влијае на ситуацијата, туку само ќе илустрира дека има сè уште има прашања на кои треба да се работи.

Вашата амбасада ја извршува улогата на контакт амбасада за НАТО. Дали земјава може да се надева на влез во НАТО на следниот самит во април 2012?

Па, НАТО ѝ прати отворена покана за членство на Македонија, па да, може, ако се реши билатералниот спор.

Дали прашањето за името ќе биде главната пречка за влез во Алијансата, како што се покажа и на самитот на НАТО во Букурешт?

Тоа е токму тоа што го кажа Советот на НАТО. Има покана за Македонија да стане членка, но билатералниот проблем со Грција мора да биде решен.

Гледате ли напредок и шанси за брзо решавање на грчко-македонскиот спор за името?

Ние сме сведоци на очигледната посветеност на двајцата премиери да се реши спорот. Го поздравуваме тоа и мислиме дека тоа ќе биде корисно за двете земји, но и пошироко во регионот и Европа како целина.

Каква е вашата перцепција за степенот на демократија во земјава?

Она што го кажав за општествата се однесува и за демократиите. Македонија е демократија и за сите демократии предизвик и постојана борба е да се зачуваат вредностите и обврските кои доаѓаат со демократиите. И тоа е нешто што е заедничко за Македонија, Холандија и сите други демократии.

Меѓународните претставници многупати досега покажаа загриженост за слободата на изразување во земјава. Се согласувате ли со забелешките дека слободата на изразување е загрозена?

​Слободата на изразување е клучен елемент на едно слободно, отворено демократско општество. Ние ја споделуваме загриженоста до степенот изразен во извештајот на Европската Унија. Она што е важно за целосна слобода на изразување е владеењето на правото, потоа тоа е еднаквоста на сите граѓани пред законите и правдата, а тоа исто така ја вклучува заштитата на новинарите. Значи да се заштитени од каков било можен ризик од селективна правда што пак на крајот би можело да води кон самоцензура.

Холандија е еден од најголемите донатори во земјава? Се јавувате како поддржувач на многу проекти. Задоволни ли сте од резултатите кои ги гледате наоколу?

Па, да, Холандија е постојан поддржувач и партнер на Македонија. Од 1995 година инвестиравме повеќе од 200 милиони евра во развојот на Македонија. Сега преминуваме на следната фаза, кон порамноправно и да кажеме, позрело партнерство. Но ако погледнеме назад за тоа што постигнавме во заедничката соработка со Македонија, ние сме апсолутно задоволни, особено во менаџирањето на јавните финансии, соработката со властите за наплата на даноците, царината, управата за јавни приходи, но исто така и со судството, посебно околу медијацијата, прецедентното право и други сфери на соработка. Гледаме дека успеавме да го зголемиме капацитетот и да изградиме добра соработка меѓу македонските и холандските институции. Па дури и во областа на културната соработка, која не е само градење на капацитети и институции. Таа е многу важна за нас и која се покажа како многу плодна. Споделуваме исти вредности кои сакаме да ги надградуваме, здрави животни навики, креативно живеење, она што го правиме со велосипедите, но исто и со модерниот дизајн, современата уметност, сите сфери каде што има зголемена интеракција меѓу Холандија и Македонија. Тие се важна основа на која сакаме да продолжиме да надградуваме со цел поширока и подлабока соработка во блиска иднина.

Ваша цел меѓудругото е зголемување на присуството на холандските инвеститори во земјата. До каде се подготовките околу формирањето на холандско-македонска стопанска комора и колку таа ќе ја подобри економската соработка меѓу двете земји?

Среќна сум што можам да кажам дека сме при крај со формирањето на холандско-македонската стопанска комора. Се чека на доволно голем број членки за да може комората да стане потполно функционална. И како што кажавте, промоцијата на билатералната трговија и инвестиции е една од нашите главни задачи и ние сме континуирано посветени на тоа. Засега сме многу задоволни од соработката со македонските власти, во различни сектори, туризмот, земјоделството, храната, телекомуникациите, челикот и конструкциите. Има многу области каде видовме зголемување на холандските инвестиции во Македонија во последните неколку години и тоа е нешто што сакаме да го подобриме и натаму.

Но, дали холанските инвеститори имаат интерес да го вложат капиталот тука. Во разговорите со нив, на што најчесто Ви се жалат?

Апсолутно можам да потврдам дека холанските инвеститори се заинтерсирани, особено малите и средни претпријатија кои постојано бараат нови можности, нови пазари, но и поефективен начин на производство и трговија. Македонија има многу да понуди во оваа област. Значи, да, постои интерес од Холандија. Доста соработуваме со македонскиот амбасадор во Хаг, Никола Димитров во промовирањето на можностите кои Македонија ги нуди, па постои голема група инвеститори во Холандија кои се свесни за можностите кои Македонија ги нуди.

Холандските туристи се чести посетители на нашата земја? Какви се нивните впечатоци за Македонија?

Како што велиме, луѓето се враќаат таму каде што бираат да се вратат. Доколку ги погледнеме холандските туристи, мислам дека тие го објаснуваат ова. Првите холандски туристи кои дојдоа во мај, веќе беа повторно тука во август и ги направија своите резервации за следната година. Мислам дека е сосема јасно дека тие беа многу среќни тука, задоволни беа од тоа што им беше понудено и сакаат да дојдат пак. Всушност имавме повеќе туристи оваа година отколку што очекувавме. Имавме близу 20.000 холандски туристи оваа година во Македонија и мислам дека тоа е резултат на заедничката соработка меѓу македонските власти и оваа амбасада, посебно на мојата претходничка, во создавањето на позитивни услови и услуги, како и добра инфрастуктура која ќе привлече повеќе туристи. Посветени сме во соработката со владата да го продолжиме тоа; да го развиеме ова со акциски план кој го подготвивме и сигурна сум дека ќе привлечеме и други туристи, не само холандски.

Каква е вашата генерална оценка за билатералните односи меѓу двете земји?

Билатералните односи се многу добри. Имаме конструктивен дијалог. Забележав дека Холандија има многу добра репутација овде. Луѓето знаат многу за Холандија и тоа што таа има да им понуди, тие се желни да стапат во контакт со холандски партнери. Значи ние сме тука да го олесниме тоа, да го зајакнеме тоа партнерство не само меѓу владите, туку и меѓу луѓето и бизнисите.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG