Достапни линкови

Пописот „падна“ по три дена собраниска расправа


Собраниската седница мина во знакот на меѓусебни обвинувања и расправии за пописот.

По три дена расправа, Собранието на Република Македонија го изгласа Законот за престанување на важење на Законот за попис. За законот гласаа само пратениците од парламентарното мнозинство. По завршувањето на расправата опозицијата ја напушти собраниската седница, по што, претседателот на Парламентот, Трајко Вељаноски во два наврати даде пауза за обезбедување на потребниот кворум од 62 пратеници

Со донесувањето на законот, поднесен од Владата, и официјално пописот се смета за прекинат.

На донесувањето на законот му претходеше тридневна жестока расправа во Собранието.

Кој е виновен, кој треба да сноси одговорност, зошто е прекинат пописот, колку пари се потрошени и проблемите со претходниот попис се дел од прашањата за кои дебатираат политичарите од владеjачката коалиција и од опозицијата
.
Кој сакаше да го фалсификува пописот, кажете веќе еднаш.

Опозицијата смета дека власта не може да организира нормален попис и дека е единствената влада до сега што прекинала попис.

„Кој сакаше да го фалсификува пописот, кажете веќе еднаш. Ако попишувачите не го правеле фалсификатот, кој е тој што различно ја толкувал методологијата. Граѓаните тоа сакаат да го слушнат, а не што се случило во минатото. Кој потроши 10 милиони евра“, праша Марјанчо Николов од СДСМ.

Toj смета дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги кријат инфорамциите затоа што тие се соучесници во фалсификатот.

На обвинувањата на опозицијата возврати пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, кој потсети на сомнежите од резултатите од пописот во 2003-тата година.
Резултатите од минатиот попис ги прифаќаат само партиите на Албанците и СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ не сака тоа да се повтори.


„Резултатите од минатиот попис ги прифаќаат само партиите на Албанците и СДСМ, а ВМРО-ДПМНЕ не сака тоа да се повтори. Пописот треба да биде признаен од сите етнички заедници во земјата.“

​На манупулации со бројката на малцинското население посочи пратеникот Кенан Хасипи од Демократската партија на Турците во Македонија, кој изјави дека прекинот на пописот покажа колку една статистичка операција вешто може да се искористи за политички маркетинг и дневно-политичко профитирање, иако сите се свесни дека се работи за операција која може да има далекусежни последици врз севкупните односи во земјава особено врз меѓуетничките односи. Тој смета дека на претходни пописи се случувале чудни и необјасниви варијации во бројноста на помалите етнички заедници кои не можеле да се објаснат преку статистичките стандарди, стапките на наталитет, демографските движења, стекнување статус на државјанство.
  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG