Достапни линкови

Федерална еврозона? Тешко остварливо


Вредноста на еврото падна, а меѓу инвеститорите расте песимизмот дека еврозоната наскоро ќе може да излезе од должничката криза. Не помогнаа ни предлозите на лидерите на Франција и на Германија, моторите на Европската унија, за спречување на ширењето на должничката зараза во Европа.

Токму разочараноста од предлозите што вчера ги дадоа претседателот на Франција, Никола Саркози, и канцеларката на Германија Ангела Меркел за поголема соработка меѓу земјите во еврозоната, според експертите, доведоа до продолжување на негативните трендови за европската економија која и натаму не се развива според предвиедното.

Иако, некои инвеститори се надеваа дека тие ќе предложат нова евро обврзница за пополнување на фондот за помош на задолжените земји, Саркози и Меркел тоа го исклучија. Тие всушност не ни помислуваат на зголемување на европскиот фонд за финансиска помош над постојните 440 милијарди евра.


„Првиот од овие предлози содржи создавање вистинска економска влада на еврозоната. Таа ќе работи како совет на шефовите на држави и влади, ќе се состанува два пати годишно и ќе избира претседател на секои две ипол години.“

Саркози додаде дека ова тело во време на финансиски кризи би се состанувало и повеќе пати и оти сега тоа ќе биде предводено од претседателот на Европската унија, Херман ван Ромпуј.

Предлогот кој официјално ќе биде изложен во септември е претставен
Првиот од овие предлози содржи создавање вистинска економска влада на еврозоната. Таа ќе работи како совет на шефовите на држави и влади, ќе се состанува два пати годишно и ќе избира претседател на секои две ипол години.
како чекор кон поцврста и долгорочна економска интеграција за која многу аналитичари сметаат дека е неопходна доколку се сака да се зачува заедничката европска валута.

Саркози и Меркел предлагаат и таканаречено „златно правило“, кое до идното лето треба да биде дел од уставите на сите 17 земји на еврозоната со цел тие да ги усогласат нивните финансиски правила, како и воведување даноци за финансиски трансанкции.

„Германија и Франција апсолутно се должни да го зајакнат и да го развиваат еврото како наша заедничка валута. Потполно е јасно дека за да дојде до тоа ни треба поцврста поврзаност на финансиските и економските политики во еврозоната“, изјави Меркел.


Сепак, економистите сметаат дека предложените мерки тешко ќе можат и да се спроведат и оти тие не се добри за решавање на сегашните економски проблеми во Европа.

Некои додаваат дека планот за формирање фискална унија меѓу земјите кои го користат еврото нема да биде прифатен, бидејќи владите нема да сакаат да го предадат нивното право да водат даночна и буџетска политика.

Што се однесува до предложениот данок за финансиски трансакции, според економистите, само ќе ја загрози побарувачката за европските обврзници. Затоа, како што се оценува, предлозите на Франција и Германија, нема да им помогнат на европските стопанства да бидат поконкурентни, а со тоа и побрзо да се развиваат.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG