Достапни линкови

Проширување на гробиштата во Куманово


Локалната самоуправа во Куманово пред еден месец започна со уредување, асфалтирање на патеките и облагородување на просторот на Градските гробишта.

Активностите според планот ќе бидат завршени за еден месец, а проектот чини околу девет милиони денари, вели градоначалникот Зоран Дамјановски.

„Се работи на изградба на комплетна инфраструктура на Градските гробишта. За еден месец ќе биде завршена комплетна реконструкција и изградба на гробиштата, на четири ипол километри стази заедно со ивичњаци, а некаде ќе имаме реконструкција на трите правци на старите гробишта, исто така со комплетно реновирање, поставување ивичњаци и нова патна патека и изградба на попречни улици и сврзување со старата главна артерија на овој сообраќаен дел.“

Проектот е во завршна постапка, роковите ќе бидат запазени со што на крајот на летото се ќе биде завршено. Дамјановски смета дека со ова ќе се надмине стариот проблем.

„Ова е место кое е многу често посетувано заради нашите најмили кои се покојни.“

Локалната самоуправа ќе започне и со парцелизирање на новиот простор, со кој се прошируваат гробиштата.

„Локалната самоуправа минатата и оваа година со средства за ескпропријација, односно за проширување на земјиште во сопственост на локалната самоуправа, откупи од граѓаните на Куманово некаде околу 20 илјади метри квадратни за проширување на парцели за Градските гробишта, бидејќи досегашното место како што самата слика покажува е - тесно.“

Новите парцели ќе бидат култивирани и уредувани во наредните месеци.

„Куманово од својот буџет во 2010 и 2011 година оддели 200 илјади евра за експропријација на земјиштето кое ќе биде дадено на корисничко право на Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“, за извршување на услугите на граѓаните на градот Куманово.“

Освен уредување и проширување на Градските гробишта во Куманово на кои се погребуваат кумановци од христијанска вероисповест, градоначалникот Дамјановски најавува и уредување на Муслиманските гробишта лоцирани во селото Романовце, чие одржување исто така е во надлежност на ЈП „Чистота и зеленило“ од Куманово.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG