Достапни линкови

Груевски го доби мандатот


Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот за составување влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Претседателот Ѓорге Иванов му го врачува мандатот за составување влада на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Претседателот Иванов денеска му го врачи мандатот на старо-новиот премиер Груевски. ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги продолжуваат преговорите за новата влада.

Во владејачката ВМРО-ДПМНЕ најавуваат нови имиња во министерските фотелји и ротација во друг ресор на дел од нивните министри. Велат дека се уште не се прецизирани сите кадровски решенија и не споменуваат имиња на министерските „освежувања“. Во најголемата партија посочуваат дека преговорите со ДУИ течат во конструктивна атмосфера и велат дека расределбата на ресорите меѓу двете партии „е коректна“. ВМРО-ДПМНЕ најавува дека реговорите со ДУИ финишираат и најавуваат дека веројатно нема да се чека крајниот рок од 20 дена и оти владиниот кабинет ќе се формира порано.

Според договорот, ДУИ ќе добие 5 министерски места, двајца вицепремиери, 4 заменици-министри и 5 државни секретари.

Вицепремиерот Абдулаќим Адеми вчера изјави дека ДУИ ги добива вицепремиерите за европски интеграции и рамковен договор, како и министерствата за одбрана, правда, економија, локална самоуправа и животна средина. Тој вели дека партијата се уште не одлучила кои нивни кадри ќе седнат во фотелјите на овие министерства.
Ова е првпат во плурална Македонија, владината програма да биде заедничка и составена од изборните програми на двете партии-победнички на изборите.

Адеми, за медиумите на албански јазик изјави дека ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ договориле заедничка владина програма, а за медиумите на македонски дека се надева оти ќе се усогласат за заедничка владина програма.

„Во платформата ќе бидат сите теми и сите отворени прашања што досега не се затвориле и можеби ги нарушувале меѓусебните односи. Со затворање на сите теми ние сакаме на Македонија да и обезбедиме европска иднина, како и економски развој. Ова е првпат во плурална Македонија, владината програма да биде заедничка и составена од изборните програми на двете партии-победнички на изборите“, изјави Адеми.

Сепак, нема потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се усогласиле за „најжешките прашања“, кои според најавите треба да се решаваат во директни разговори меѓу лидерите на партиите. Тука пред се се мисли на хашките случаи и на пензиите за борците на ОНА.

Нема потврда дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се усогласиле за „најжешките прашања“.

Според неофицијалните информации, ДУИ инсистира да ги добие директорските места или во Царината или Управата за јавни приходи.

Според Уставот, за најдоцна 35 дена, Македонија треба да добие нова Влада. Претседателот Ѓорге Иванов денеска му го врачи мандатот за составување влада на старо-новиот премиер Никола Груевски по што почнува да тече законскиот рок од 20 дена, за Груевски да предложи владина програма и да состави кабинет. Потоа, Собранието, во рок од 15 дена треба да треба да одржи седница на која ќе се гласа за доверба на Владата. Сепак, според најавите, нема да се чекаат крајните рокови – влада ќе се формира порано. Ова е прв мандат за премиер што го врачува претседателот Ѓорге Иванов. Мандатите за состав на влада на Груевски во 2006 и 2008 му ги додели поранешниот претседател, а сега лидер на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG