Достапни линкови

Во Македонија денеска парламентарни избори


Гласање на предвремените парламентарни избори
Гласање на предвремените парламентарни избори

Сите 2.976 гласачки места во Македонија се отворени навремено, информира ДИК, освен едно гласачко место во Штип, кое е отворено со еден час задоцнување. За полесно да го остварат гласачкото право, скопјани денеска ќе може бесплатно да се возат со автобусите на ЈСП Скопје и нема да плаќаат паркинг во општина Центар. МВР и денеска цел ден издава лични документи.





Бесплатен паркинг и бесплатен автобуски превоз за изборите за скопјани

Граѓаните на Скопје денеска може да користат бесплатен превоз во автобусите на ЈСП „Скопје“ за да го остварат своето избирачко право, информира претпријатието.

Општина Центар, пак соопшти дека денеска нема да се наплаќа паркинг на паркиралиштата Дом на градежници, Трготекстил, Автомакедонија и Зелен пазар.

„Нема да се наплаќа во текот на целиот ден се со цел да им се овозможи на граѓаните непречен пристап до избирачките места и остварување на избирачкото право“, соопшти општина Центар.

МВР издава лични карти цел ден

Управните служби при Министерството за внатрешни работи денеска работат во две смени, од 7 до 19 часот.

Поради одржувањето на парламентарните избори, службите издаваат готови лични карти со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за непречено остварување на нивното право на гласање.

1.821.122 граѓани ќе бираат 120 пратеници во Македонија

Во трката за 123 пратенички места во македонското Собрание се 1679 кандидати од 18 кандидатски листи. За нив на 2.976 гласачки места можат да се определат 1.821.122 граѓани со право на глас евидентирани во Избирачкиот список. Гласањето почна во седум и ќе трае до 19 часот. Првпат, тројца пратеници во Собранието се бираат од дијаспората. Во трите изборни единици во странство - Европа и Африка, Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, се поднесени вкупно 24 кандидатски листи, за кои можеа да се изјаснат 7.258 македонски државјани, кои се пријавија за гласање во Дипломатко-конзуларните претставништва.

Гласањето на дијаспората се одржа вчера, кога избирачкото право можеа да го остварат и 2.222 лица кои се во притвор или на издржување казна затвор, 407 внатрешно-раселени лица, како и околу 11.000 болни и изнемоштени. Изборите се спроведуваат според пропорционалниот модел во шесте изборни едници на територијата на Република Македонија, а според мнозинскиот во трите изборни единици во странство.

Парламентарните избори ги следат 7.851 набљудувачи акредитирани во Државната изборна комисија, од кои 7.358 домашни и 493 странски. Од странските, најбројни се на ОБСЕ/ОДИХР 234, на Парламентарното собрание на ОБСЕ 47, на Амбасадата на САД 39, делегацијата на Европската комисија 20 и на Советот на Европа 16, а свои набљудувачи ќе имаат и амбасадите на Франција, Словенија, Велика Британија, Русија, Чешка, Австрија, Турција, Кина, Унгарија, Хрватска, Италија и на Словачка во Скопје, Централната изборна комисија на Косово и на Меѓународната кризна група.


Меѓу домашните набљудувачи најмногу се од Граѓанската асоцијација МОСТ 4.467, а преостанатите се од уште шест невладини организации.

На изборите им претходеше 20-дневна кампања во која партиите, коалициите и независните кандидати кои учествуваат во изборниот процес ги претставуваа своите програми и кандидати и образложуваа зошто ја бараат довербата на граѓаните.

Со цел фер и демократски изборен процес, над 30 политички партии пред почетокот на кампањата потпишаа Кодекс на однесување за време на парламентарните избори. Апел за коректно изборно постапување упатија САД, ЕУ, ОБСЕ, како и повеќе други домашни и меѓународни претставници и организации.

ДИК првичните резултати од изборите добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно по приемот на резултатите. Првичните резултати добиени врз основа на податоците од записниците на општинските изборни комисии ги објавува 12 часа по завршувањето на гласањето, а конечните во рок од 24 часа по нивната конечност.

Денешните избори се седми парламентарни, а вкупно 16-то изборно изјаснување во Македонија. Првите избори за пратеници во Собранието беа одржани во 1990 година, вторите во 1994, третите во 1998, четвртите во 2002, петтите во 2006, a шестите во 2008 година. Покрај парламентраните, беа спроведени и четири претседателски избори – во 1994, 1999, 2004 и во 2009 година, како и пет локални – во 1990, 1996, 2000, 2005 и 2009 година. Граѓаните на Република Македонија двапати излегуваа и на референдум, во 1991 година кога се одлучија за самостојна и независна држава и во 2004 година кога се изјаснуваа за новопредложената територијална поделба.

Големи и мали

Избирачките места 1615 и 1614 во радовишкото село Загорци во општина Конче со само по еден регистриран гласач во избирачкиот список, се најмалите гласачки место во Република Македонија.

Најбројно, пак, е избирачкото место 1.380 во Мермерниот комбинат во Прилеп со запишани 1.698 гласачи.

Оние двајца гласачи од најмалите избирачките места во земјата, сепак, нема да гласаат таму, туку, според Упатството на ДИК, во најблиските избирачки места. Тоа се однесува и на 33 избирачки места со помалку од десет избирачи. Гласањето за овие граѓани ќе го спроведат избирачките одбори од најблиското избирачко место. Такви избирачки места има во Македонски Брод, Сопиште, Старо Нагоричане, Штип, Чашка, Петровец, Пробиштип, Конче, Неготино, Прилеп, Радовиш, Дебрца, Демир Хисар, Другово, Охрид и Маврово и Ростуша.
XS
SM
MD
LG