Достапни линкови

Декларација за медиумска слобода


Во ВМРО-ДПМНЕ и во СДСМ молк, а останатите партии велат ќе ја прифатат декларацијата против медиумски притисоци.

Политичките партии покажуваат расположение за поддршка на декларацијата која Здружението на новинари на Македонија ја достави до сите нив. Документот, со кој се бара да престанат сите форми на притисок против медиумите, декриминализација на клеветата и навредата, измени и дополнувања на законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, е прифатлив за повеќето политички партии.
И политичките партии се збунети од една ваква ситуација. Тие што сакале да ги имаат под контрола веќе како да се свесни дека се е претерано.

Реакција на овој потег на ЗНМ не добивме од
двете најголеми партии, владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ. За време на кампањата, изјави од ВМРО-ДПМНЕ се добиваат само преку координаторот за комуникации со медиумите Илија Димовски. Но, и покрај обидите да стапиме во контакт со него, Димовски не успеавме да го добиеме. И од Социјалдемократскиот сојуз беа недостапни за коментар. Дали поради презафатеност од партиските изборни активности или од други причини, партиски реакции не добивме ниту од албанскиот политички блок.


Во меѓувреме, НСДП укажува дека медиумите се наоѓаат во криза, оти истите не се независни.

„Ќе ја оставиме седмата сила да биде контролор на се она што се случува, вие не можете да градите демократско општество ако некој не го набљудува она што го правите, ако не го коментира“, изјави Соња Мираковска од НСДП.

Не можете да градите демократско општество ако некој не го набљудува она што го правите, ако не го коментира.
За ВМРО-Народна партија слободниот говор и новинарство ослободено од партиски притисоци е приоритет. Оттаму велат дека ќе ја потпишат декларацијата :

„ВМРО Народна партија со целосно реална заложба ќе го даде својот максимум да тоа биде реализирано во што е можно пократки рокови“, изјави Марјан Додовски, претседател на ВМРО-Народна.

Експертите укажуваат дека медиумите во независна Македонија никогаш не биле во толку лоша ситуација. Политичкиот аналитичар Исмет Рамадани вели дека политичките партии треба сериозно да ги сфатата забелешките од меѓународната заедница за медиумите во земјава.

„Сега за сега, мислам дека и политичките партии се збунети од една ваква ситуација. Тие што сакале да ги имаат под контрола веќе како да се свесни дека се е претерано“, изјави Рамадани.

ЗНМ смета дека медиумскиот систем во Македонија е во сериозна криза. Оттаму се надеваат дека политичките лидери ќе ја сфатат сериозноста на ситуацијата и ќе ја потпишат декларацијата, за како што соопштуваат да демонстрираат одговорност за средување на состојбите во медиумите.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG