Како ја оценувате политичката комуникација меѓу двајцата премиери кои пред меѓународната заедница постојано велат дека има волја за решавање на проблемот со името, но во пракса не се гледа напредок?
Тие не работат ништо! И двајцата претставници не сработиле ништо. Имам некои колеги што имаат директни врски со двајцата преговарачи, и тие не направиле никаков напредок овие денови во Њујорк. Но надвор од ова, јас мислам дека и двете влади, и владата на господин Груевски и владата на господин Папандреу, се многу исплашени од мислењето на јавноста. Тие не сакаат да отворат уште еден проблем со гласачите, затоа што мислат дека имаат уште многу посериозни проблеми кои треба да ги решат во државата, како економските проблеми. И затоа го оставаат на страна овој проблем. Освен ова, јас мислам дека двете заедници немаат директен контакт, нема отворена комуникација меѓу нив, ние го оставивме проблемот во рацете на владините органи и си велиме во ред е, проблемот е настрана од мене, јас ќе седам тука и ќе гледам, и кога другите ќе се обидат да го решат, јас ќе ги обвинам за се. Значи ние го гледаме како проблем на владите, а не како проблем на некој од нас, односно на секој од нас. Ако се обидеме да се концентрираме на отворен дијалог, тогаш ќе треба да се соочиме со проблемот веднаш.
Споменавте дека во 2009-та година, премиерот Груевски го пропуштил возот да се изнајде решение за спорот. Зошто мислите така?
Мислам дека господинот Папандреу даде поинаков пристап кон сите надворешно-политички прашања на Грција и јас мислам дека Груевски беше посреќен што е Папандреу премиер, отколку Караманлис. Ако тогаш Груевски предложеше решение само за проблемот со името што е прифатливо, бидејќи и двете страни знаат многу добро што е навистина прифатливо за обете, тогаш можеби дискусијата ќе дојдеше до крајот. Но, тогаш Груевски постави пакет за можно решение за името и за етничкиот идентиет. Тоа не беше прифатливо за ниту една грчка влада, па затоа и немаше никаков прогрес.
Што мислите, каде е проблемот во политичката комуникација меѓу двете земји, кога се зборува за прашањето за името?
Постојат две различни прашања, како прво. Првото е името на земјата, а второто е за „значењето“ на идентитетот. Грција го блокира членството на вашата земја во ЕУ и НАТО, затоа што не го прифаќа вашето уставно име. И предлага нешто друго. Тоа е да речеме прифатено од земјите членки на ЕУ и НАТО и затоа имаме отворена дискусија за тоа. Сега, грчкото јавно мислење следи повеќе конзервативни иделогии и политики и не е добро за двете страни да го одложуваат пронаоѓањето на решение. Другото прашање е идентитетот. Што е значењето на Македонци и на Македонија?! Што подразбираат под тие зборови Грците, вие, Бугарите, Албанците? Ако го оставиме на страна терминот на англиски јазик и го земеме на пример на локалниот јазик, вие сте Македонка, односно Македонци. А ние сме Маседонас, тоа е сосема поразлично од Македонци. И ние и вие, во нашите јазици, подразбираме нешто сосема различно и со различен статус. Но проблемот настанува кога ќе се ги преведеме нашите идентитети со Macedonian. Во англискиот јазик со ист збор се објаснуваат идентитетите на двете земји, и затоа ќе имаме голем проблем во иднина. Ако се обидеме терминот во англискиот јазик да го разграничиме, а да остане во нашите јазици, како што си било и досега, ќе биде многу полесно. Да речеме ако вие дојдете во Грција и речете јас сум Македонка, во ред, нема проблем. И ако дојдам јас тука и кажам, јас сум Mакедонас ќе биде во ред. Зошто? Затоа што дескрипцијата е различна за двете нации.
Предлагате да не се преведува на англиски?
Мислам дека ако се обидеме да преведеме што значи националниот идентитет во нашите јазици и што е разликата меѓу нас и вас, тогаш проблемот ќе биде полесен за решавање. Затоа што ние имаме проблем со културата, историјата, наследството, ние на културното наследство гледаме со различни очи, но им изгледаме дека сме едно на другите луѓе.
Рековте дека Грција се движи по конзервативна линија. Kолку тој притисок ги прави грчките црвени линии поцврсти?
Мислам дека никој во Грција не сака да отвори каква било дискусија за ова бидејќи економските и социјалните проблеми се огромни за сите. На пример, сега имаме голема продукција на нови закони и мислам дека нема време никој да отвори да речеме нови надворешно-политички прашања, не само меѓу Грција и ПЈРМ, туку со никого затоа што сите политичари се плашат дека грчкото јавно мислење ќе реагира бурно кон сите.
Кога очекувате некаков напредок во преговорите за името?
Сигурен сум дека, додека трае економската криза во Грција, никој нема да се обиде да го реши ова прашање, затоа што тогаш можеби ќе дојде до крај за кој никој нема да сака да ја преземе вината.