Достапни линкови

Пајак служба во Куманово


Сообраќаен хаос низ улиците на Куманово
Сообраќаен хаос низ улиците на Куманово

По една деценија пајак-службата повторно се враќа на улиците на Куманово.

Со тоа локалната смаоуправа смета дека ќе се намали сообраќајниот хаос, а возачите ќе бидат принудени да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Меѓутоа, запрашаните кумановци сметаат дека со ова можеби релативно ќе се ублажи проблемот, но нема да се елиминира. Според нив најдобро решение се катни гаражи.
Пајак треба да има. Младите не размислуваат. Се паркираат на улици и на тротоари


„Би требало. Нема паркинзи, нема слободно место, еден паркинг имаше на пазар, а тие го искористија за зграда.“

„Пајак треба да има. Младите не размислуваат. Се паркираат на улици и на тротоари.“

„Нема шанса со пајакот да се реши проблемот.Кој ќе ги тргне овие возила од тротоар? Пајак служба? Не е едно возило. Тие што возат џипови тие таму каде што треба имаат чичковци, вујковци, батковци.“

„Само со катна гаража може да се реши проблемот.Не мислам дека е скап проект. Може на истото место на паркингот наспроти Домот на култура, да се изгради катна гаража со затворен тип,со темни стакла. Однадвор ќе изгледа многу убаво, а сепак ќе може два-три ката да се направат, а ќе се плаќа прифатлива цена."
Граѓаните на Куманово заслужуваат да им се обезбеди простор за паркирање, а потоа да воведат пајак служба и оние кои што неправилно се паркираат тогаш да бидат казнувани


„Не се согласувам за под плоштадот бидејќи не би требало тој да се раскопува. “

Бобан Николовски советник во општинскиот Совет од опозиционата коалиција на ВМРО-ДПМНЕ вели:

„Остро реагираме на ова. Граѓаните на Куманово заслужуваат да им се обезбеди простор за паркирање, а потоа да воведат пајак служба и оние кои што неправилно се паркираат тогаш да бидат казнувани. Градоначалникот и СДСМ кои владеат со Куманово 20-ина години наназад не направија никакви услови за подобрување на начинот на паркирање."

РСЕ: Како мислите тој проблем да се надмине?

„Паркинг места се нацртани по улиците на Куманово со два три килограми фарба, а оставено е со истата фарба да се замачкаат очите на граѓаните. Тие нацртани места создадоа уште поголем хаос во сообраќајот.“

Николовски вели дека опозицијата постојано ќе го потсетува градоначалникот:

„За неговото предизборно ветување-катна гаража, за што и ги собра најголем број од гласовите. Но нема ни тронка од реализација на овој објект.“

РСЕ: Каде би можела да се изгради катна гаража?

„Постојат неколку локации во Куманово. Доколку добро се размисли ќе може да се направи ваков објект,но само во интерес на граѓаните.“

Дециден е Николовски. Но, и покрај различните размислувања на опозицијата во општинскиот Совет и дел од граѓаните, пајак службата ќе го крстосува градот. Сашо Петрушевски директор на ЈП „Чистота и зеленило“ кое ќе биде извршител вели дека пајак службата ќе функционира, надлежноста ќе биде на ЈП Куманово-паркинг“, со асистенција на СВР Куманово. Возилата ќе бидат депонирани на депото во близина на ова претпријатие.
Трајко Трајковски директор на ЈП Куманово-паркинг вели дека казната за паркирање возила на тротоари или улици ќе изнесува две илјади денари, а на тревниците три илјади денари.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG