Достапни линкови

Борачите „бркаат виза“ за ОИ


Македонските борачи годинава ќе се подготвуваат за СП во Истанбул каде ќе се бара пласман меѓу најдобрите шест во светот што овозможува настап на ОИ.

Најдобрите македонски борачи во слободен стил, Дејан Митров и Дејан Богданов, со големи очекувања влегоа во 2011-та година. Таа е предолимписка и главен настан во неа ќе биде септемвриското СП во Истанбул, на кое ќе се брка норма за настап на ЛОИ во Лондон догодина, а големо внимание привлекува и ЕП во Германија. За што подобар настап на овие шампионати, предвидени се учества на повеќе турнири и квалитетни подготовки. Тие започнаа минатиот месец, а најзначајниот дел во овој период, ќе стартува в понеделник. Тогаш, благодарение на МОК, Богданов и Митров, заедно со селекторот Страшо Глигоров заминуваат на тринеделни тренинзи во САД, поточно во олимписката база во Колорадо Спрингс. Таму ќе тренираат со најдобрите светски репрезентации:


„Тоа ќе биде одлична можност да се запознаеме со методите за тренинг на најдобрите репрезентации. Секако, значајно е и учеството на меѓународен турнир за контрола на формата на нашите борачи“, изјави селекторот Глигоров.

Неговите избраници во февруари ќе настапат уште на два силни турнири, во Истанбул и во Бургас. Преку овие турнири и со тринеделните тренинзи во Бугарија ќе се темпира формата за ЕП во април. Таму Богданов оди како петти во категоријата до 84 килограми, а Митров како седми меѓу борачите до 66 килограми. Овие пласмани на нашите медалисти од кадетски и младински собири на најдобрите од стариот континент говорат дека им недостига само уште еден чекор и за сениорски трофеј.
мотивацијата на нашите борачи е голема, и се надеваме на позитивен резултат, а тоа е пласман меѓу првите шест борачи во Европа.


„Поради тоа сега мотивацијата на нашите борачи е голема, и се надеваме на позитивен резултат, а тоа е пласман меѓу првите шест борачи во Европа“, додаде Глигоров.

Тој вели оти ќе биде уште позадоволен доколку олимписките стипендисти на ИОК, Богданов и Митров стигнат до шестото место и на СП во Турција, зашто тоа е нормата за олимписка виза. До неа ќе биде многу тешко да се дојде, но селекторот, иако вели дека е неблагодарно да се прогнозира, сепак е оптимист.

„Јас лично верувам дека ќе можеме да исполниме барем една виза. Било кој борач да се пласира меѓу првите шест борачи во светот за нас ќе биде голем успех“, истакна на крајот Страшо Глигоров.
XS
SM
MD
LG