Достапни линкови

Христова пејачка во турски состав


Елена Христова
Елена Христова

Слетан ноќе со поднаслов Дивоградба е насловен албумот на турскиот состав БАБА ЗУЛА на кој поголемиот дел од песните ги отпеа Елена Христова, пејачка на македонската етно група БАКЛАВА. Со него таа и официјално станува рамноправен член на оваа светски позната група што подразбира и настапи на неколку континенти, а уметницата паралелно работи и на своите соло проекти.

Елена Христова од составот БАКЛАВА, безмалку две години, живее и работи на релација Скопје-Инстанбул. Причина е нејзината плодна соработка со една од најзначаните турски групи БАБА ЗУЛА, која започна по концертот што Мурат Ертел и неговите соработници го одржаа на Оф-фест, а на кој пак како гостинка во една од композициите што беа изведени на сцената на Македонската опера и балет се појави токму Христова.

„Некако се препознавме кога прв пат се сретнавме бидејќи јас многу добро ја познавам турската музика и естетиката и културата, чести се и моите патувања таму така што ми беше како да се знаеме од детството.“'
Некако се препознавме кога прв пат се сретнавме.

Таквото препознавање на сцена и блискоста на сензибилитетите доведоа до тоа Елена да одработи цела серија на перформанси со БАБА ЗУЛА главно на филмските и на големите европски музички фестивали, да сними документарен и да озвучи нем филм и конечно да стане полноправен член на составот што значи да биде дел од екипата што ќе го потпише седмиот по ред албум Слетан ноќе.


„Името на албумот „Слетан ноќе“ е она што кај нас се нарекуваат дивоградби или куќарки што се наоѓаат во контекст на облакодери и албумот е посветен на тие леѓе што живеат таму.“
Името на албумот „Слетан ноќе“ е она што кај нас се нарекуваат дивоградби или куќарки што се наоѓаат во контекст на облакодери и албумот е посветен на тие леѓе што живеат таму.

Сепак, и зголемениот обем на работни обврски и чести патувања со бенд од калибарот на интернационално познатите БАБА ЗУЛА нема да ја спречат македонската уметница во нејзината активност околу новиот проект на својот матичен состав БАКЛАВА.

„Она што го работам и што го живеам се моите афинитети.“

И, конечно Елена Христова и Горан Трајковски, некогашниот член на култните ПАДОТ НА ВИЗАНТИЈА, МИЗАР, АНАСТАСИЈА и автор на музиката на бројни театарски проекти, во изминатиот едногодишен период снимија заеднички албум на чија објава сеуште се чека, а извесно е и тоа дека пејачката работи и на неколку други проекти со познати странски артисти за кои вели дека ќе говори во оној момент кога за тоа ќе дојде вистинското време.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG