Достапни линкови

Гафови на годината


10-те најголеми гафови на врвни политичари или јавни личности во изминатата година, според изборот на Радио Слободна Европа.


Непрoмислени изјави на врвни политичари или други јавни личности, често пати се катастрофални за нивните натамошни кариери. Следуваат 10-те топ гафови во 2010-та година, според изборот на Радио Слободна Европа.

1. Шефот на Бритиш Петролеум – Го сакам мојот живот назад!

Бритиш Петролеум ја предизвика една од најголемите еколошки катастрофи во 2010-та, кога истекуваа милиони барели нафта во Мексиканскиот Залив, а шефот на компанијата Ентони Хајвард се обидуваше да го минимизира проблемот. Но, најголемиот гаф беше кога изјави:

Тони Хајвард

„Никој повеќе од мене не сака ова да заврши. Знаете, си го сакам животот каков што ми беше.“

Потоа Хајвард си зема пауза од напорите за справување со истекувањето на нафтата за да го следи натпреварот на неговата приватна јахта во трката на милионерите. Потоа мораше да си поднесе оставка.

2. Гордон Браун и фанатичната жена!

Поранешниот британски премиер Гордон Браун во изборната кампања во април, беше уловен на микрофон како омаловажува една жена. Браун заборави дека се уште му е закачен микрофон по разговорот со Џилиан Дафи, подржувачка на Лабуристичката Партија, која го критикуваше. Браун јавно изјави дека му е драго што се сретнале, а веднаш потоа искоментира:

„Ова беше катастрофа. Не требаше да ме спојат со таа жена. Таа е само некаква фанатична жена која тврди дека е Лабуристка.“

Браун ги загуби изборите, а коментаторите оценија дека една од причините бил токму овој гаф.

3. Американскиот командант во Авганистан против сите

Генерал Стенли Мекристал, американски командант во Авганистан, беше разрешен од претседателот Барак Обама откако критикувал претставници на администрацијата пред новинар на магазинот Ролинг Стонс. Портпаролот на Белата Куќа Роберт Гибс изјави дека претседателот Обама бил многу лут.
Стенли Мекристал

„Има огромни грешки во одлуките на Мекристал, кои тој ќе треба да ги објасни.“

Мекристал бил скептичен во врска со Ричард Холбрук, кој беше специјален пратеник за Авганистан и Пакистан, искажувајки и личен анимозитет, а тој и неговите соработници критикувале и други членови на американската администрација.

4. Ирански верски лидер за причините за земјотреси

Иранскиот верски лидер Казем Седиги беше исмејуван во светот поради изјавата дека земјотресите се предизвикани од жени кои се облекуваат провокативно:

„Многу жени кои не се облекуваат прописно, ги наведуваат момчињата на погрешен пат, ја уриваат нивната чистота и шират неверство во општеството, што ги предизвикува земјотресите во светот.“

На социјалните мрежи Фејсбук и Твитер беше формирана група за хумористична проверка на таа теза, па во еден ден многу жени ги покажуваа лицата, глуждовите и слично, но земјотрес не се случи.

5. Ладата на Путин

Рускиот премиер Владимир Путин влезе во рекламна кампања за Лада, покажувајки дека возел 2000 километри низ Сибир, оценувајки го автомобилот Лада Калина како удобен и сигурен и им препорача на сите Руси да си купат. Но, едно аматерско видео, постирано на интернет, ја прикажа измамата, односно, Путин ги менувал автомобилите, а некои и се расипале попат.
Путин возач на Лада Калина

„Доаѓа третиот. Се расипа, однесете ја. Ах Калина...“

Видеото го виделе стотици илјади луѓе и измамата на Путин беше откриена.

6. Пакистан поплавен, а Зардари низ Европа

Претседателот на Пакистан Али Зардари во летото беше на турнеја низ Европа, додека поголемиот дел од земјата беше зафатен од поплави. Повеќе телевизиски канали го прикажуваа Зардари на свечени вечери со европски лидери, додека пакистанските места беа под вода, а огромен број пакистанци расселени и без вода и храна.

7. Надворешно-политичките испади на Камерун

Уште од стапувањето на должност британскиот премиер Дејвид Камерун е критикуван од опозицијата за неразбирање на надворешната политика. Камерун самиот даваше поводи за такви критики, како на пример со изјавата дека Иран има нуклеарно оружје.

Дејвид Камерун



„Мислам дека Турција ќе биде добро политичко влијание за нас, бидејки може да помогне во решавањето на некои светски проблеми, како мировниот процес на Блискиот Исток или фактот дека Иран има нуклеарно оружје.“

На Камерун му се забалежува и на изјавата за време на посетата на Индија кога го повика Пакистан да престане со извозот на тероризам.

8. Кабул е безбеден за децата исто како градовите на Западот

Цивилниот претставник на НАТО во Авганистан, Марк Седвил ги шокира и разлути Авганистанците со изјавата за Би Би Си во врска со опасностите за децата во Кабул од бомби и киднапирања. Седвил оцени:

„Овде во Кабул и во другите големи градови во Авганистан, всушност, има малку бомби. Децата веројатно се побезбедни тука отколку во Лондон или Њујорк или Глазгов. Повеќето деца овде живеат безбедно.“

9. Јанукович загубен во зборовите

Украинскиот претседател Виктор Јанукович на седница на владата изјави дека сеуште треба да го усовршува украинскиот јазик, бидејки подобро зборува руски, па така во една прилика не можеше да се сети како се вика елка на украински.

„Денеска веќе гледаме поставена ново-годишна ........ елка. И луѓето наскоро ќе ја слават Нова година.“

10. Берлускони и шегите за Хитлер

Италијанскиот премиер Силвио Берлускони продолжува со необичниот хумор, често политички навредлив. Берлускони го преживеа гласањето за доверба во Парламентот, а на барањата за негова оставка, тој одговори со невкусен виц за Адолф Хитлер.
Силвио Берлускони

„Кратко по смртта на Хитлер, неговите подржувачи откриле дека е жив и го пронаше во некое село на Андите. Барале од него да се врати, велејки му дека демократијата пропаднала и сите го барале него. Неколку дена тој одбивал, а потоа се согласил, но им рекол: Ќе се вратам под еден услов, следниот пат навистина ќе бидам зол.“
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG