Достапни линкови

Помпезни најави без имплементација


Болницата во Куманово
Болницата во Куманово

Најавите за реконструкција на кумановската болница, за сега остануваат само на зборови. Сликата во болницата и натаму хаотична.

Иако помпезно беше најавена реконструкција и реновирање на повеќе здравствени објекти во кумановската Опошта болница, се уште ништо не е на повидок. Вработените, кои како што велат на прсти можат да се избројат, не се надеваат дека условите и за нив и за пациентите во блиска иднина ќе се подобрат. Во новиот ургентен центар и во овие топли денови се работи во неклиматизирани простории, а во присуство на несоодветна организација и дисциплина кај дел од персоналот. Пациентите велат дека и не се опремени, а и лекарствата мора самите да си ги однесат, иако ургентно бараат помош таму. Не се задоволни ниту вработените, кои најчесто бараат начин што поскоро да заминат во приватно здравство. И на останатите одделенија сликата не е ни малку розова. Здравствените работници не сакаат јавно да зборуваат, а така се однесуваат и поголемиот број граѓани, од само за нив разбирливи причини.

РСЕ: Задоволни ли сте од здравствените услуги?
Се оди преку ред и преку врски.


„Не многу. Нема ред. Се оди преку ред и преку врски. Не се уредени просториите. Се што треба самите го купуваме иако услугите ги плаќаме.“

„Не. Ма, не...“

Со половина уста одговара запрашаниот кумановец спуштајќи ја главата кон земја. А другиот пак кој за првпат побарал лекарска помош за откривање сериозно заболување вели:
Сакав да го снимам дебелото црево. Ми рекоа дека треба да чекам месец-два.


„Се чека малку. Ама тоа е! Сакав да го снимам дебелото црево. Ми рекоа дека треба да чекам месец-два. Ме запишаа, ќе ме снимаат по два месеца.“

Вчудовиден од одложувањето на прегледот од кој можеби ќе му зависи животот, овој кумановец за размислување што понатаму, ја одбрал една од клупите во болничкиот двор.
Инвалидски пензионер кој има потреба од постојана лекарска контрола и лекување за условите во здравството раскажува:

„Како да кажам! И задоволен сум и не. Има некои доктори кои навистина вредат, а некои...“

Иако не ја завршува започнатата мисла, чиј што крај се насетува, овој кумановец продолжува за условите во болничките одделенија.

„Условите се катастрофа. Се е старо. Нема услови. Ред се чека и не се чека. Има залагања од некој персонал, зависи од ординација. Лекарствата се скапи. Сами ги купуваме, партиципацијата е скапа.“

И за тоа наведува пример со антибиотикот со широк спектар:
Еден „оспен“ приватно е 300 денари, а со партиципацијата е 250 денари. Не е во ред.


„Еден „оспен“ приватно е 300 денари, а со партиципацијата е 250 денари. Не е во ред. Јас сум инвалидски пензионер и болен сум. Докторката ме прима и колку може ми помага. Ми препорачува да лежам во болница, ама немам пари.“

Неколкумина минувачи во болничкиот двор избегнуваат да дадат одговор. Или пак, во забрзано движење, за нашето здравство дофрлуваат:

„Добро е. И така и така.“

„Не е баш нај-нај.“

На некои од болничките одделенија предвидени за реконструкција, освен што пациентите стојат како пред прастара автобуска станица и го чекаат автобусот без возен ред, од старите плафони ги „освежуваат“ капки од кондензација.

Пациентите молчат, а вработените велат дека ќе работат тука додека не најдат решение за бегање.

„Веќе немаме коментари. И во ваквите услови и меѓучовечките односи не се на потребното ниво. Здравството е тешко болно“, вели еден од лекарите кој додава дека со едната нога веќе е надвор од јавното здравство.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG