Достапни линкови

Комплициран откупот на дворно земјиште


Долготрајна бирократска процедура, многу документи, одење од шалтер до шалтер... Граѓаните се жалат на процесoт за откуп на дворното земјиште.

Граѓаните што сакаат да ги откупат своите дворови по цена од едно евро за квадрат се жалат дека за да ги набават потребните документи губат премногу време и дека целата процедура е мачна и тешка, бидејќи мора да затропаат на вратата на неколку институции. Заинтересираниот граѓанин за откуп на дворно земјиште, во подрачната единица на Министерството за финансии треба да поднесе: геодетски елаборат, извод од деталниот урбанистички план, копија од катастарскиот план, како и уверение за движење на имотот, имотен лист и доказ како е стекнат имотот. Еден скопјанец кој сакаше да остане анонимен вели дека му биле потребни неколку години да ги собере сите документите за откуп на двор во општината Гази Баба.

„Од шалтери до шалтери, што да ви раскажувам... Потрошив пет години, за да може да си го откупиме земјиштето и да и го платиме на државата. Од Министерство за финансии до општина, од општина до Министерство за финансии, па Министерство за транспорт итн. Многу лошо е искуството.“

Потребните документи од катастерот граѓаните ги добиваат за брзо време, откако ќе го поднесат барањето со таксена марка и надомест за услугата, вели нивниот портпарол Валентина Христова Стефановска.

„За издавање на имотен лист за имот што е запишан во Катастарот на недвижности потребни се 10 минути. За уверение за историски преглед за запишувањата во катастарот на недвижности потребни се 3 дена, а за копија од катастарски бан со координати 1 до 2 дена.“

Од општините велат дека граѓаните го добиваат изводот од урбанистичкиот план за еден до два дена. Велимир Здравсковски од подрачната единица на Министерството за финансии во општина Чаир вели дека откако е донесен законот имаат голем прилив на барања за кратко време, а постапката е комплицирана.

„Во идеален случај, после поднесувањето на барањето потребни се најмалку два месеци за да биде решено со правосилно решение, значи во идеален случај бидејќи имаме многу предмети, иако максимално се трудиме и решаваме, меѓутоа не стигаме и знае да се завлече постапката. Едноставно физички не е можно - малку извршители, многу баратели.“

На крајот, изготвеното решение се испраќа на адресата на државниот правобранител, кој за 15 дена треба да одлучи дали ќе го прифати барањето. Рокот до кога граѓаните може да го откупат дворното земјиште по новата цена е до јануари во наредната година.
  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG