Достапни линкови

Чешкиот претседател Клаус во Македонија


Чешкиот претседател Вацлав Клаус
Чешкиот претседател Вацлав Клаус

Чешкиот претседател Вацлав Клаус денеска и утре престојува во официјална посета на Македонија. Чешкиот претседател важи за евроскептик кој отворено ги искажува своите ставови спротивни на оние на чешката влада. Тој е еден од подржувачите на Македонија во спорот за името со Грција.

Чешкиот претседател Вацлав Клаус денеска и утре престојува во официјална посета на Македонија. Денеска, Клаус се среќава со претседателот Ѓорге Иванов, а предвидено е и да има работен ручек со премиерот Никола Груевски. Во Собранието, чешкиот претседател ќе се сретне и со пратениците-членови на комисиите за надворешна политика, европски прашања, економски прашања, образование и на Националниот совет за евроинтеграции. Претседателите Иванов и Клаус, утре ќе се обратат и на македонско-чешкиот бизнис форум.

Чешкиот претседател ќе се сретне и со лидерот на СДСМ и поранешен претседател Бранко Црвенковски, со првите луѓе на верските заедници во земјата, како и со градоначалниците на Скопје, Тетово и на Сарај.
Клаус ќе ја посети и хидроцентралата Матка која ја раководи чешката компанија „Хидропол“ и Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Чешкиот претседател Вацлав Клаус важи за голем подржувач на Македонија во спорот за името со Грција. Тој отворено се става на страната на Македонија и вели дека позициите на земјава се исправни. Сепак, според политичкиот систем во Чешка, како и во Македонија, клучните одлуки ги носи владата, а не претседателот.
Вацлав Клаус

Клаус важи за голем евроскептик и политичар кој има контроверзни ставови што не кореспондираат со официјалната чешка владина политика. Клаус имаше поинакви ставови од чешката влада за Лисабонскиот договор, за климатските промени, за признавањето на Косово, во однос на справувањето со светската економска криза, за учество на чешката армија во мисии надвор од земјата, за спорот за името на Македонија...

Чешкиот премиер Јан Фишер, при посетата на македонскиот премиер Никола Груевски на Прага во февруари, повтори дека проширувањето на Европската Унија, пред се, кон земјите од Западен Балкан, е познат приоритет на чешката надворешна политика, но оти Македонија, или како што ја нарекуваше, Поранешна Југословенска Република Македонија, треба да најде решение за спорот со Грција за името ако сака да се влезе во Европската Унија и во НАТО.
Една година порано, и неговиот претходник Мирек Тополанек, при посетата на Македонија рече дека земјава мора да го реши проблемот со Грција што поскоро, за побрзо да се интегрира во ЕУ и во НАТО. Овој спор, иако е билатерален, сепак ја оптоварува Европската унија, рече тогаш Тополанек.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG