Достапни линкови

Дневен печат – „Груевски го воскреснува Бранковиот закон“


„Груевски го воскреснува Бранковиот закон“, објавуваат Дневник и Утрински, по информациите дека Владата донела одлука, работодавците кои годинава ќе ангажираат невработено лице на неопределено време, кое е евидентирано во Агенцијата за вработување најмалку една година, да бидат ослободени од пресметување и плаќање на 10 отсто персонален данок на доход по основа на плата во наредните три години. Истовремено потсетуваат дека исто таков закон донесе и владата на Црвенковски.

Овие два весника, исто така, објавуваат: „Ако го омаловажуваш премиерот добиваш прекршочна пријава“, при што го третираат случајот на фармерот Душко Илиевски од Битола, инаку предводник на протестите пред Владата на оштетените млекари од пропаднатата млекарница Сведмилк, кој добил трета прекршочна пријава од МВР поради наводно омаловажување на премиерот по некролозите, лани излепени по Битола, со содржина „Кражба во 100 чекори…“. Експертите за човекови права и правниците оценуваат дека тоа е само искажано мислење, а Мирјана Најчевска, експерт за човекови права, вели дека ако човекот биде осуден би го поставила прашањето, зошто тогаш не се гонат ТВ-водителите и продукциските куќи, за исти дури и посилни навреди на јавни личности.

Поглаварот на МПЦ во посета на СДСМ

Речиси сите медиуми ја забележаа посетата на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан на седиштето на СДСМ и едноиполчасовната средба со лидерот на партијата, Бранко Црвенковски. Дневник со наслов „Црквата ќе се крсти со лева“, а Утрински - „МПЦ во политичка мисија кај партите“. Вечер насловува: „По прошката кај папата, г.Стефан на баци рака кај Груевски“, алудирајки на средбата на црковниот врв со Црвенковски, иако во текстот главно прави претпоставки дека од посетата на поглаварот на МПЦ на СДСМ, се вознемирила Исламската верска заедница, па поглаварот Реџепи веднаш го посетил Црвенковски.

„Сандеј Тајмс“ - Џамии во Македонија под контрола на вахабистите

И пишаните и електронските медиуми неколку дена се занимаваат со тврдењата на британскиот весник Сандеј тајмс дека неколку џамии во Скопје се под контрола на вахабистите. Утрински го објавува демантот на ИВЗ за овие тврдења, но и тврењата на авторот, дописникот од Скопје Бојан Панчевски дека информацијата ја добил од самиот врв на Исламската верска заедница.

Нова Македонија реагира на задоцнетата реакција на Министерството за надворешни работи по антимакедонските и антиалбанските извикувања на парадата на грчката војска и полицијата со наслов „На грчкиот фашизам, Македонија пали како бугарска неонка“.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG