Достапни линкови

Европарламентарци во Скопје


Наредните шест месеци да се искористат спорот за името да се реши и да се добие датум за преговори со Европската Унија ќе биде најверојатно главната порака што македонските пратеници ќе ја примат од членовите на двете европски парламентарни делегации коишто допатуваа во Скопје.

Попладне ќе се одржи првата сесија од седмиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и Македонија на чиј дневен ред како што е најавено ќе се најдат актуелната политичка состојба во земјата, економски прашања, користењето на средствата од ИПА фондовите, односите меѓу заедниците и животната средина но се разбира неизбежно ќе биде поставено и прашањето за името и почетокот на преговорите со ЕУ.
Резолуцијата во Европскиот парламент е многу коректна кон нас како земја и секако дека нашата земја треба да одговори принципиелно и со подготвеност за соработка за сите прашања


„Се разбира, почетокот на преговорите и решавањето на спорот со името е една од темите за која ќе се расправа. Станува збор за прашање за кое ние како институција немаме можност ниту да помогнеме, ниту да дадеме некои конструктивни предлози кои би се реализирале. Наша задача е за оние прашања за кои имаме различни мислења и не можеме да помогнеме, да ги тргнеме на страна и да се фокусираме на она што е наша агенда што треба да се исполни,“

изјави копретседателот на мешовитиот комитет, Александар Спасеновски.

Пратеничката Теута Арифи којашто е член на комитетот и претседател на комисијата за надворешна политика денешната посета ја гледа и во контекст на неодамна донесената резолуција на Европскиот парламент за Македонија.

„Резолуцијата во Европскиот парламент е многу коректна кон нас како земја и секако дека нашата земја треба да одговори принципиелно и со подготвеност за соработка за сите прашања,“

изјави Теута Арифи.

Заедничките заклучоци коишто ќе произлезат од состанокот којшто овојпат се одржува во Скопје, имаат консултативен карактер. На утрешното продолжение на состанокот ќе се обрати и еврокомесарот за проширувањето Стефан Филе. Според изјавите што ги даде во Брисел пред утре да се сретне со македонскиот државен врв извесно е дека Филе во Скопје уште еднаш ќе порача дека Макеоднија треба да се потруди да го реши спорот за името и до јуни, за време на шпанското претседателство да добие датум за преговори. Тој најави и дека ќе потсети и на важноста од исполнувањето на копенхагенските критериуми. Во Македонија пристигна и делегација од комисијата за надворепшна политика во ЕП коишто слична порака се очекува да пренесат до претседателите на комисијата за надворешна политика, комисијата за европски прашања и националниот совет за евроинтеграции при македонското Собрание.
XS
SM
MD
LG