Достапни линкови

Неделен печат – Меѓуетнички односи, „Окта“, популизам...


Меѓу главните теми изминатава недела во медиумите се меѓуетничките односи, по одлуката на Владата, првачињата Албанци да мора да го изучуваат македонскиот јазик уште од прво одделение. ,,Глобус“ објавува интервју со пратеничката Ермира Мехмети која вели дека ,,Македонците сакаат да ја поделат Македонија.“

Сега“: „Улогата на Груевски во Окта се граничи со злосторство“

,,Улогата на Груевски во ,,Окта,, се граничи со злосторство,, го цитира во насловот неделникот ,,Сега,, Стефче Јакимовски, актуелен градоначалник на Карпош и поранешен министер за економија, со кого објавува опширно интервју. Покрај другото, Јакимовски подвлекува дека иако Груевски не е потписник на купопродажниот договор за ,,Окта,, потсетува на двете писма потпишани токму од Груевски како тогашен министер во Владата на Георгиевски, со кои целосно ги штити интересите на сопствениците-Грци, а Македонија губи и пред Лондонскиот и пред Парискиот суд, и 17 ипол милиони долари кои ги плати од својот буџет. Јакимовски говори и за криминалот направен со фирмата Аналитико и со Телеком, со Сведмилк, со националната платежна картичка, со состојбите во електростопанството… ,

„Глобус“: „Македонците сакаат да ја поделат Македонија“

,Глобус,, пак, објавува интервју со пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети, цитирајќи ги во насловот нејзините зборови дека Македонците сакаат да ја поделат Македонија и тоа преку институционален начин. Со постојаното тестирање на трпението на Албанците, Македонците ќе го изгубат единствениот нивен реален сојузник во спорот со името, а на тест е суштественото прашање за Република Македонија – дали ќе се подели или ќе остане унитарна држава, смета Мехмети. Таа ова го поткрепува со своето мислење дека сите чекори што во последно време официјално се преземаат од поголемата етничка заедница на културен, образовен и економски план кај Албанците за прв пат создаваат чувство дека доминантната заедница води политика на поделба, заклучува Ермира Мехмети во интервјуто за ,,Глобус,,.

„Фокус“: Меѓуетнички односи како рефлексија на ситуацијата со јазикот

И ,,Фокус,, во најновиот број се занимава со темата меѓуетнички односи како рефлексија на ситуацијата со јазикот. Засега македонскиот јазик е единствениот службен во земјава, пишува ,,Фокус,, но нема да биде грев ако Македонците во мешаните етнички средини ги знаат и другите јазици бидејќи суштината на едно мултиетничко општество е токму граѓаните да се разбираат меѓусебно и да соработуваат за сите да почувствуваат припадност кон државата во која живеат. ,,Фокус,, објавува и разговор со политичкиот аналитичар и професор Мерсал Биљали кој смета дека Албанците немаат отпор кон македонскиот јазик, туку дека реакциите се резултат на незадоволството на Албанците од националистичката и клерикалистичката политика на премиерот Груевски. Во темите од политиката

„Форум“: Добредојдовте во ерата на популизмот

,,Форум се осврнува на особено изразениот тренд кај нас на правење анкети за рејтинзите на политичарите и на партиите, кажувајќи ја уште во насловот својата поента: ,,Добрдојдовте во ерата на популизмот,,. Авторот на текстот смета дека како што тргнале работите, наскоро нема ни да ни требаат политички лидери: доволно е да се поседува агилна администрација и врз основа на прецизни анкети да се детектира расположението на граѓаните за одредена политика, и во зависност од резултатот на анкетите, таа да се спроведе. Честата злоупотреба или употреба на анкетите доведе до ,,коперниканскиот пресврт,, во политиката каде наместо политичките лидери да го поведат народот да ги следи, затоа и се употребува зборот лидер или водач, лидерите ги следат анкетите и расположението на граѓаните и спроведуваат политика која има цел да ја зцврсти или зголеми нивната популарност, заклучува ,,Форум,,.
  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG