Светот обично е фокусиран на големите сили, како Соединетите Држави, Русија и Европската Унија, но во 2009-та година и Кина секогаш беше во центарот на вниманието. Кина одби меѓународен мониторинг на емисијата на штетни гасови, отвори нов гасовод од Централна Азија кон Кина, не дозволува нови санкции против Иран. Во 2009-та светот слушаше кога зборуваше Кина, пред се и поради фактот што кога светот беше во рецесија, Кина и натаму бележи економски раст, кој според некои проценки изнесува околу 8 насто. Гарет Ледер, екперт од Лондон објаснува:
Главниот фактор за кинескиот растеж во изминатата година масивните владини фискални и банкарски стимулирачки програми. Како резултат, има масовен развој на инфраструктурата и преку разни даночни олеснувања, охрабрување на потрошувачите.
Кинезите, кои главно се штедливи, почнаа помасовно да трошат, односно да купуваат бела техника и автомобили, откако банките почнаа да даваат поволни кредити. Па така во 2009-та, за прв пат, во Кина биле купени повеќе нови автомобили отколку во Соединетите Држави. Сепак, и во Кина околу 15 милиони луѓе останаа без работа, но кинеската индустрија остана доволно силна за брзо опоравување по завршувањето на рецесијата. Според Гарет Ледер, кинескиот економски раст им помага и на другите земји да излезат од рецесија, бидејки кинеските бизнисмени се активни на берзите. Клучна цел на Кина е да обезбеди енергија за своите потреби, пред се од Централна Азија.
Кина економски бум не може да биде вечен
Кина има главна улога и во глобалната битка против климатските промени, бидејки е најголем емитер на јаглерод диоксид. Пекинг се согласи да намали емисијата на штетни гасови, но не дозволува меѓународна контрола. Друг проблем со останатиот дел од светот е вредноста на кинеската валута, јуанот, која се држи на ниско ниво што ги прави кинеските производи ефтини, а сличните производи на другите земји неконкурентни. Кинескиот премиер Вен Џибао оцени дека меѓународниот притисок во врска со вредноста на јуанот е со цел да се лимитира кинескиот економски развој.
Сега, некои земји, од една страна сакаат да биде зголемена вредноста на јуанот, а од друга страна воведуваат мерки за трговски протекционизам против Кина. Тоа не е фер.
Па сепак, колку и да изгледаше Кина силна во 2009-та, тоа е само еден дел од приказната. Аналитичарите сметаат дека во изминатите 30 години кинеската економија енормно растеше главно поради комбинацијата на ефтина работна сила дома и големата побарувачка на нејзините производи во странство. Но, тоа не може да треа бесконечно, бидејки паралелно со економскиот развој барањата на работниците се се поголеми. Аналитичарот Гарет Ледер додава.
Она што можеше да се види, посебно во последните 5 години, е пораст на трошоците за работната сила во Кина за најмалку 10 насто годишно. Кина сега не е толку ефтина за производство, како некои други места во Азија.
Затоа, според Ледер, Кина ќе мора да ја реструктуира економијата во наредната декада и да премине во наредната фаза од развојот, да се насочи кон поскапи производи за да може да ги оствари и барањата за поголеми плати. Но, многу прашања во врска со Кина остануваат нејасни како на пример, дали растечката средна класа ќе бара и поголема политичка моќ и поголемо почитување на човековите права.