Достапни линкови

Затворено прашањето за границата со Косово


Експертите велат дека демаркацијата на границата со Косово е позитивен чекор, но очекуваат негодување и нарушување на дипломатските односи со Србија. Во меѓувреме, Македонија и Косово воспоставија и дипломатски односи.

Претседателот Ѓорге Иванов, вчера во Истанбул, го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на договорот за физичка демаркација на границата меѓу Република Македонија и Република Косово, соопштуваат од неговиот кабинет. Претседателот е во официјална посета на Турција. Се очекува, Указот денеска да излезе во службен весник, по што ќе почне процедурата за назначување амбасадори. Се очекува канцеларијата на Македонија во Косово да прерасне во амбасада. Македонските власти велат дека назначувањето на амбасадор во Косово ќе биде наскоро, но не прецизираат датум. Домашните експерти велат дека демаркацијата на границата и воспоставувањето дипломатски односи со Косово се национален интерес за Македонија. Професор Мерсел Биљали вели дека, иако ова требало да се случи порано, сепак е добро.
Македонија демонстира една нова насока, дека практично е држава која ги има во предвид односите и со соседите, еве конечно и со Република Косово


,,Македонија демонстира една нова насока, дека практично е држава која ги има во предвид односите и со соседите, еве конечно и со Република Косово, што сепак беше една точка, што предизвикуваше и произведуваше тензии и недоверба, непријателство итн."

Политикологот Жидас Даскаловски се согласува дека тоа е позитивен чекор за земјава. Тој вели дека е многу неизвесно дали Македонија ќе добие датум за преговори со Европската Унија и дали ќе го реши спорот за името со Грција.

,,Битно е да се консолидираат одлуките со нашиот северен сосед затоа што под претпоставка дека нема да имаме датум за преговори, ќе биде доста неизвесно за Македонија."

Даскаловски смета дека воспоставувањето дипломатски односи со Косово нема да ги наруши економските односи со Србија. Дипломатските односи ќе бидат нарушени и ќе треба да се поправаат во наредниот период, вели тој.
Одреден период ќе дејствува деструктивно кон Македонија, меѓутоа тоа нема да биде на долги стази, веројатно, бидејќи и самата Србија е на некој начин свесна дека тоа не е продуктивно за неа и за регионот


,,Одреден период ќе дејствува деструктивно кон Македонија, меѓутоа тоа нема да биде на долги стази, веројатно, бидејќи и самата Србија е на некој начин свесна дека тоа не е продуктивно за неа и за регионот."

Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ оцени дека демаркацијата на границата и одлуката за воспоставување дипломатски односи со Косово претставува удар за односите меѓу Белград и Скопје и дека таа сигурно ќе има последици. Македонија и Србија, претходно потпишаа договор за демаркација на границата, кој се однесуваше и за делот кон Косово. Можно е Србија да го оспори договорот за границата во Обединетите нации, вели Даскаловски.

,,Овој договор е де факто вон институциите на ОН, меѓутоа треба да се прифати реалноста во регионот, а таа е дека Косово од минатата година е независна држава."

Меѓународната заедница, веднаш по донесувањето на одлуката, го поздрави воспоставувањето дипломатски односи и успешното утврдување на границата меѓу Македонија и Косово. Русија, пак, реагираше дека никој нема право да зборува за решение на косовското прашање, без при тоа последниот збор да го има Србија.
  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG