Достапни линкови

Жителите на Осломеј обвинуваат за дискриминација


Протест на жителите на Осломеј
Протест на жителите на Осломеј

Жителите на општината Осломеј, населена со претежно албанско население, го обвинуваат ЕЛЕМ за национална дискриминација бидејќи и покрај договорот дека во термоцентралата ќе бидат вработени жители од селото, досега се вработени само 34 лица.

Голем дел од 10.000 жители од 16 села во општина Осломеј населени повеќе од 90 % со население од албанска националност го обвинуваат ЕЛЕМ дека врши национална дискриминација. Пред 2 години, општината, месните заедници, ЕЛЕМ и термоелектраната Осломеј потишале договор за период од 4 години да бидат вработени 120 жители, односно секоја година по 30-мина. Годинава ветувањата не се исполниле, огласот што требало да се објави в април, се уште не е објавен. Затоа револтирани овие жители, своето незадоволство го манифестираат со протести на патот кон термоелектраната, забранувајќи им на работниците да стигнат до Осломеј.
Ние сме 10 000 жители овде, а пред 2007 година сме имале вработени само 34 жители албанци


,,Ние сме 10 000 жители овде, а пред 2007 година сме имале вработени само 34 жители албанци."

Вели Раим Велиу, претседателот на Штрајкувачкиот одбор. Жителите се жалат и дека се целосно маргинализирани од државата. Велат за потребите на електраната им се одземени ниви, животната средина максимално е загадена, а за возврат се вработуваат работници од Прилеп и Кичево, наместо од оваа општина со енормно голем број невработени.

,,Филтерот да се стави во оџакот, што воопшто не се зема во обзир, загадувањето е ненормално, на деца, на се. Имаме разни болести од тоа загадување и никој ништо не зема во обзир."
Ние сме свесни за енергетските проблеми во државата, но свесни треба да бидат и луѓето горе дека некаде живеат луѓе и тие имаат свои проблеми


И градоначалникот Фатмир Дехари ги поддржува жителите во напорите да се реализира потпишаната спогодба. Тој вели дека има позитивни сигнали од високи претставници во Владата и очекува бргу позитивен исход.

,,Ние сме свесни за енергетските проблеми во државата, но свесни треба да бидат и луѓето горе дека некаде живеат луѓе и тие имаат свои проблеми и нормално тие проблеми треба да се решаваат и заеднички да одиме напред."

Истакнува градоначалникот Дехари. Од друга страна од ЕЛЕМ објасуваат дека во овој момент поради антикризните мерки стопирани се сите нови вработувања. Од таму потенцираат дека и покрај протестите електраната засега работи без проблеми. Но, жителите на општина Осломеј, најавуваат уште помасовни блокади. Велат иако се свесни за последиците од блокадата на работата на Осломеј, тие се принудени на ваков чекор, зашто немаат друг излез за остварување на барањата кои се дел од спогодбата со ЕЛЕМ.
  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG