Достапни линкови

Русија има намера да ја скрши грузиската државност


Ова го оценува грузискиот претседател Михаел Саакашвили по повод годишнината од војната меѓу двете земји. Во интервјуто за Ројтерс тој наведува дека рускиот премиер Владимир Путин не се откажува ниту од намерата да го отстрани од политичката сцена во Грузија.

Претседателот Михаел Саакашвили ги опишува намерите на Русија спрема Грузија како многу загрижувачки. Тој вели дека Владимир Путин е човек кој ги остварува своите закани.

,,Јас се уште сум во кабинетот и покрај сериозната заложба на Путин да ме обеси за разни делови од телото и да ја уништи Грузија. Ова во основа е приказна за преживувањето. Тој е човек кој ги остварува своите закани и ќе продолжи да се обидува се додека неговиот збор се слуша во Москва.,,
Прашањето е дали некој во светот сака нова војна во Европа со учество на Русија. Одговорот секако е негативен и токму тоа ни го кажа американскиот потпретседател Џо Бајден и ние целосно го делиме тоа мислење ...


Саакашвили го критикува и Западот поради тоа што недоволно интервенирал кога во август минатата година руските трупи ја минаа грузиската граница и за неколку дена дојдоа до главниот град Тбилиси. Според него, западните земји не реагирале, бидејќи не сакале да ја налутат Мусква и со тоа да ја нарушат сопствената енергетска зависност од Русија. Сепак, тој признава дека со евентуалното вовлекување на други земји конфликтот би добил меѓународни размери.

,,Прашањето е дали некој во светот сака нова војна во Европа со учество на Русија. Одговорот секако е негативен и токму тоа ни го кажа американскиот потпретседател Џо Бајден и ние целосно го делиме тоа мислење.,,

Бајден за време на неговата посета на Грузија во минатиот месец ја повтори американската поддршка на грузиското членство во НАТО, но очигледно го потсетил Саакашвили на тежината од евентуалната конфронтација меѓу НАТО и Русија. И покрај тоа што Западот и даде силна поддршка на Грузија во војната, Саакашвили беше критикуван за воената интервенција во сепаратистичкиот регион Јужна Осетија што Русија ја употреби за оправдување на својот воен одговор врз Грузија. Во интервјуто Саакашвили оценува дека меѓународната заедница долго време ги игнорирала антигрузиските потези на властите во Јужна Осетија и Абхазија.
Претседателот на Грузија Саакашвили и американскиот потпретседател Џо Бајден во Тбилиси

,,На многу начини, за жал, светот ги занемаруваше масовните убиства и етничкото чистење што се случуваа во овие региони со таканаречената руска мировна операција која всушност беше своевидна форма на окупација.,,

Грузискиот претседател Михаел Саакашвили во интервјуто за агенцијата Ројтерс и со оценка дека од независноста Грузија формирала демократски простор во еден тежок дел од светот и оти ќе го продолжи нејзиниот натамошен развој.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG