Достапни линкови

Дали конечно ќе започне обновата на односите меѓу САД и Русија?


Барак Обама, пред неговата прва посета на Русија во идната недела, изјави дека сака Москва да сфати оти е време да го напушти стариот пристап од Студената војна во односите со Вашингтон.

Американскиот претседател Барак Обама во интервју за агенцијата Асошиетед прес изјави дека оваа порака планира да му ја пренесе на поранешниот претседател и сегашен премиер Владимир Путин кој, според Обама, се уште ја имал власта во Русија во свои раце. Тоа, според него, би придонесло за повторен почеток на добрите односи меѓу двете земји. Уште во февруари годинава, американскиот потпретседател Џо Бајден на конференцијата за безбедност во Минхен ја потврди ваквата намера:

,,Време е, да го парафразирам претседателот Обама, време е да го притиснеме рисет копчето.,,


На деби самитот на Обама на 6 и 7 јули во Москва се гледа како на прв поголем тест на оваа американска политика, односно како на момент дали тоа копче ќе биде употребено или не. Двете страни веќе соопштија дека сакаат да постигнат нов договор за контрола на нуклеарното оружје што треба да го замени сегашниот СТАРТ кој истекува во декември годинава. Претседателот на поткомитетот за надворешни работи на американскиот Конгрес Роберт Векслер смета дека позитивниот старт во контролата на оружјето би можело да помогне и во решавањето на други прашања:

,,Било тоа да е за прашањето за антиракетната одбрана, или за иранската нуклеарна програма или за проширувањето на НАТО. Сите тие прашања ќе можат да се решат само со поголема доверба меѓу двете страни.,,
Не сум сигурен дека луѓето како Путин и Медведев и другите околу нив навистина го сфаќаат работењето на американскиот политички систем и искрено веруваат во добрите намери на Обама..

Мајкл Мекфаул, директор за руски и евроазиски работи во американскиот Совет за национална безбедност вели дека Обама нема илузии во врска со мислењето на руските власти.

,,Тие мислат дека наша приоритетна цел во светот е да ја ослабиме Русија, да ја опколиме и со тоа ние да станеме посилни. Ќе разговараме многу искрено, како што тоа го направивме во април кога Обама за прв пат се состана со претседателот Медведев.,,

Мекфал прецизира дека Обама ќе бара отворени разговори не само со Медведев, туку и со премиерот Путин, особено околу прашањето за проширувањето на НАТО и околу ситуацијата со Грузија. За професорот за надворешна политика Георги Мирски пак, токму тензиите со Грузија покажуваат дека руските лидери немаат намера за подобрување на односите.

,,Не сум сигурен дека луѓето како Путин и Медведев и другите околу нив навистина го сфаќаат работењето на американскиот политички систем и искрено веруваат во добрите намери на Обама.,,

Сепак ,Мирски додава дека и покрај антиамериканската реорика, Москва не сака вистинска конфронтација со Вашингтон. Или како што вели, ако ништо друго, претстојниот самит може барем да спречи целосен колапс на односите меѓу двете земји.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG