Достапни линкови

Приказна за влашката заедница во Кумановско


Куманово
Куманово
Влаинката Зуица Николовска деновите од деветата деценија на животот ги минува во кумановското село Доброшане. Со тетовиран крст на челото и имиња на таткото и најблиските машки роднини на рацете, таа е една од последните Влаинки во овој регион. Иако поминала 64 години во Доброшане таа со нејзините најблиски сеуште го зборува влашкиот јазик,а како што вели македонски малку знае.

„Потекнувам од влашко село.На планина одевме и зборувавме смао влашки.Бев мала кога ми го тетовираа крстот. Јас сум една од последните со ова обележје“

Раскажува Зуица. Нејзината најстара од трите ќерки, Ленче Митрова вели дека до 1940-та година сите Влаинки имале тетовиран крст како заштитник на христијанството.Зошто е тоа така,Ленче се сеќава на приказната слушана од нејзиниот дедо.

„Али Паша сакал да ја земе најубавата Влаинка за невеста. Само,Власите биле многу препредени и побарале време од еден месец за да ја подготват свадбата. За тоа време Власите избегале во друг округ и на сите женски деца им тетовирале крст.“

Раскажува Ленче.Власите и сега дома и меѓусебе зборуваат и го негуваат влашкиот јазик,иако македонскиот го учат уште на тригодишна возраст.За кумановските Власи Ленче вели дека потекнуваат од Грамос,Грција, а мајка и Зуица е родум од штипското влашко село Сушево. Ленче смета дека до првата половина на минатиот век Власите немале мешани бракови.Од тогаш полека почнале да се мешаат,а како што вели таа трендот продолжува. Затоа и се плаши дека за две-три децении Власите, нивниот јазик и етнолошкото обележје сосема ќе исчезнат. Горди се на своето потекло бидејќи:

„Власите се штедливи. Не се превртливи иако и меѓу нив ќе се најде по некој „сончоглед“. Паметни се. Не се расипници,не се пијаници. Власите не пијат ракија,тие пијат млеко.“

За да си го сочуваат својот менталитет Ленче и нејзиниот сопруг Атанас, сакаат да добијат снаи Влаинки.

„Ако не е Влаинка кога ние зборуваме влашки таа ќе мисли дека против неа зборуваме.“

Вели Атанас.Ова влашко семејство сеуште живее во куќа стара еден век, иако е на само пет километри од Куманово на патот кон Свети Николе. Иако нивните претци одгледувале овци и живееле добро,сега одгледуваат крави и кози, но нивниот стандард е далеку од посакуваниот.
  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG