Достапни линкови

Почнува Саемот на книга


Скромно и без учество на некои звучни имиња како во изминатите години, со поетско читање на осуммина домашни поети и со настап на студентите од Факултетот за музички уметности при универзитетот Гоце Делчев од Штип ќе бидат отворени 21-от Саем на книга и либрографика и Деновите на образование и кариера 2009. На ова издание на најмасовната културна манифестација во земјава, на 64 штанда во двете саемски хали, ќе бидат изложени книги од повеќе домашни книгоиздателства, научни и образовни институции, а за публиката ќе бидат достапни и 131 книга од едицијата Македонска книжевност. Според очекувањата, најзастапени ќе бидат преведените дела, а на дел од куповно-изложбените простори ќе има и нови македонски изданија. На Саемот ќе учествуваат и 10 албански издавачи од Македонија, а предзнакот меѓународен условно ќе го бранат само издавачките куќи од соседството, од Бугарија, Србија и од Албанија. Согласно најавите од книгоиздателствата и овојпат попустите на книгите, согласно актуелноста на изданијата, ќе се движат од 10 до 80 отсто.

„Очекуваме дека ќе предизвикаме посебно внимание кај читателите со објавувањето на првата од трите книги на американскиот претседател Барак Обама.“

вели Христо Петрески од книгоиздателството Феникс. Од Ми-Ан како новитети ги најавуваат новата енциклопедија Музика, балет, опера и новиот роман Град години луѓе на Јован Павловски, на штандот на Младинска книга главен наслов ќе биде Хари Потер и полукрвниот принц, а МАГОР на читателите ќе им ги понуди Невестата на змејот од Урошевиќ, Домот на писмото од Шелева, Психологија на театарот од Мируше Хоџа и специјално првото издание на Хомеровата Одисеја. Поради учеството на Светскиот саем на книгата во Франкфурт Матица македонска овојпат ќе се претстави со помал штанд од лани на кој ќе можат да се најдат Гомора од Роберто Савиано или Пеперутка од Сашо Тасевски, а книгоиздателството Три ќе понуди книги на автори лауреати како Белиот тигар од Аравинд Адига, роман што ја доби наградата Букер.

„Би го издвоил делото Естетика, што се смета за најобемното, најкомплексното дело во моментов во естетичката литература во светот.“

истакнува Нове Цветановски од книгоиздатеството Македонска реч. А, кога сме веќе кај промоциите, интересна е и понудата на ИЛИ ИЛИ.

„Настапуваме со два романи од македонски автори, едниот е новиот роман за возрасни од Оливера Николова насловен како ,,Белиот чад“, а втората македонска објава е ,,Ехо од Бранови“ од Владимир Мартиновски.“

потенцира Игор Ангелков од оваа издавачка куќа. Кон ова само уште и информацијата дека, паралелно, со овој саем во четвртата хала ќе се одвива манифестацијата Денови на образованието и кариера на која учество најавија 37 државни и приватни образовни институции од земјава и од странство.
  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG