Достапни линкови

(П)разни изборни ветувања


Битола
Битола
Проекти, за чија реализација во последните години никој немаше мрднато со прст, се актуелизираат во изборните програми на партиите од Битола со цел освојување на локалната власт на 22 март. Кандидатите за градоначланици на двете најголеми партии Владимир Талески од ВМРО-ДПМНЕ и Дијана Ѓоргиевска од СДСМ ветуваат обнова на жичницата на Пелистер. Во изминатите три години поради нејзина нефункционалност пропаѓаа ски сезоните, а планинарите на која врата и да чукнеа за помош сите си ја префрлуваа топката.
Дури и браќата Манаки станаа дел од изборната кампања. Градоначланикот Талески кој е во трка за втор мандат, најавува дека од темел наново ќе го подигне нивното старо кино во заштитената зона Широк Сокак во услови кога кино публиката во Битола се брои на прсти.

„Собираме скици и материјали, ги проверуваме димензиите, локацијата. Сакаме да направиме чест на големото дело на браќата Манаки. Не знам колку време ќе ни треба, се надевам дека ќе се снајдеме и со финансии. Сакаме да го реконструираме киното, а внатре да направиме еден музеј, спомен соба и кино сала која ќе се користи за време на фестивалот“

изјави Талески.
Двата најголеми прокети што Талески ги вети на претходните избори изградба на индустриската зона ”Жабени” и Битола филмски град, до сега не добија финализација. Кандидатот на Социјал демократите, лекарката Ѓоргиевска, пак, најавува дека ќе ја намали фирмарината во чаршијата:

„Наместо насмеани лица се почесто гледаме загрижени лица на продавачите. Тие се загрижени зашто е доведена во прашање нивната егзистенција. Тоа што ние како партија ќе го направиме кога ќе ја добиеме довербата од сограѓаните е дека данокот за фирмарината ќе го намалиме за 20 проценти, односно новоотворените фирми нема да плаќаат првата година фирмарина“

вели Ѓоргиевска.
Кандидатот за градоначалник на ЛДП, Горан Савевски ветува подобрување на економската ситуација во градот. Покрај ова, во изборните програми уште се споменуваат катни гаражи, прочистителни станици и многу инфраструктурни прокети. Се вртат прокети од минатите избори, а партиите секојдневно се обвинуваат меѓу себе дека едни на други им украле дел идеите. За пародијата да биде поголема и овие избори на гласачкото ливче меѓу кадидатите е и Христо Ѓоргиев Спанаќо, како независен, иако според социјалните служби тој е деловно неспособен и е под старателство.
  • 16x9 Image

    Жанета Здравковска

    Родена во Битола на 15.01.1977 година. Дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола во 1999 година, а магистерски студии завршила на постдипломските студии по менаџмент на човечки ресурси на Институтот за социолошки и политичко- правни истражувања во Скопје. Работела како новинар во повеќе локални редакции во Битола, а за Радио Слободна Европа известува од 2002 година. 

XS
SM
MD
LG