Достапни линкови

Александар Поповски, режисер. Замолчувањето на интелектуалците може да има тешки последици


По “Кандид или оптимизам”, претставата која со боодушевување беше пречекана од публиката и од критиката во Белград, Александар Поповски се зафати со нов проект - во Грац во Австрија, во текот на јануари треба да се одржи вашата нова премиера. Со оглед на тоа дека таму по вторпат режирате, за што се работи овој пат?

Сега работам на Хамлет. Тоа е една тема која ме интересираше и пред да го работам Кандид. Почнав во Скопје малку да рботам на тоа и него завршив, што не значи дека нема да го завршам и остана како некаква желба да го доработам. Сега овде работам на универзитетот во Грац. Со оваа претстава универзитетот ќе се натпреварува на годишниот фестивал што го имаат сите академии од германското говорно подрачје. Мене ми е интересно, а и за нив е интересно, не Хамлет којшто треба да даде одговор на прашањето да се биде или не, или не како лик кој треба да ни покаже дали треба да дејствуваме или не, туку повеќе како метафора за некој кој треба да ја разбуди нашата заспана совест. Тој се појавува како лик кога ќе ни отапат сетилата, како лик кој треба малку да ги разбуди нашите внатрешни сетила , да ни ја разбуди совеста. И во тој правец оди целата претстава, и во тој правец е напреван и драматизацијата и преводот на Хајнрих Милер, а инаку правам сопствена драматизација по којашто го работам овој текст.

Каков е тамошниот театар во однос на она што како театарска естетика се испишува кај нас?

Овде е голем тренд, нешто што своевремено се обидував како тренд да го заговарам и во Македонија, а тоа се драматизации на големи класични дела, како одговор на тоа што новата драматургија се засити и не нуди некои нови текстови. Тоа го видов и во Словенија, Љубљанска драма со тоа се занимаваше мошне често. Морам да признаам дека мене многу ми одговара овој тип на театар и овој начин на работа.

Веќе трета година ве нема во театрите во земјава. Зошто?

Мислам дека тоа е една појава која неколку пати досега сум ја коментирал. Еден круг театарски работници донесоа одлука дека е подобро да ме нема. Најевројатно така имаат повеќе простор за себе. Тоа не значи дека јас ќе се откажам и нема да направам претстава вон тоа, бидејќи за мене Македонија е многу важно место. Со тие глумци таму сум почнувал некои нови процеси и правци и ми е важно да се вратам назад. Плус и се надевам дека тоа некако би морало да заврши, затоа што е бесмислено и нема никаква логика и мислам дека и Министерството за култура би морало да реагира на една ваква појава, затоа што не сум само јас – и Унковски не може да работи во Македонија, и некои други луѓе. Се надевам дека оваа година би требало да се стави крај на тоа, бидејќи е базирано на лична основа.

Како вие од условно просторна дистанца гледате на општествено-политичката, на културната клима во Македонија?

Во целата таа приказна мислам дека сме ние многу повлечени од главните збиднувања и дека сме многу тргнати на страна. Немаме моќ да влијаеме, бидејќи ние не зиградивме во овие осумнаесет години една здрава демократска средина во која што гласот на оние што не се членови на партија ќе се вреднува подеднакво со оние кои имаат поинакво мислење. Мислам дека политиката го презема комплетно приматот да ги решава сите работи, а досега не се покажа доволно силна да може да ги реши крупните проблеми. Заглавивме во еден глупав процес на препукување помеѓу одредени политичари, наместо да се занимаваме со самите себе. Едноставно, не ги ставивме сите ресурси којашто оваа земја ги има. Еве, овде среќавам луѓе коишто предаваат на факултет, во Виена има девојка којашто предава атмоска физика. Значи, не има секаде, ама луѓето се неискористени. Кога би сакале да дефинираме Македонија денес и да се дефинираме себеси, а да не се тормозиме со историја и со излитени фрази, би било многу полесно. И кога сите заедно би работеле во еден правец, мислам дека помошта од интелектуалците и помошта од надвор би била добредојдена. А вака сме осудени да бидеме приморани да работиме за нечие добро. А мислам дека би требало да почнеме да функционираме за доброто на нашата земја.

Сметате ли дека е замолкнат гласот на интелектуалецот во земјава?

Тоа мислам дека е најстрашно. Немаш хумор, немаш дебата, луѓето не разговараат. Ние сме генерација која е растена со навика во Домот 25 мај да слушаме трибина. Тогаш доаѓаше Пуховски од Загреб и ние слушавме трибини, луѓето разговараа, имаше мислење. Јас сега не слушам различни мислења и тоа мислам дека е страшно. И втора работа – нема хумор. Тоа се две страшни работи. По секоја цена мора да се обезбеди простор за мислење, првенствено во медиумите. Таму мора просторот да биде фифти-фифти за слободните мислители, во однос на условно речено, официјалните мислители. Тогаш ќе моржеме сите да функционираме врз принципот да помогнеме и да направиме нешто за својата земја.

Се чувствува ли во таков случај Александар Поповски како патриот или како предавник?

Последен пат слушав еден голем патриот којшто пееше некоја песна македонисти, македонисти, алудирајќи на тоа дека се патриоти. А македонист е човек којшто се бави со македонскиот јазик. Патриотската линија е многу важна, ама треба да се постави на многу здрави нозе. Ние патиме и историјата ни е полна со утки во патриотизмот. Особено многу време губиме за тоа кој е поголем патриот од кого. Тоа е изгубено време. Кога ќе ја дефинираме земјава, кога ќе се дефинираме себеси, многу ќе биде јасно што значи да бидеш патриот или не. Јас се чувствувам како патриот. И сум. Многу работи што сум ги правел се поттикнати од таква потреба, со тоа што таа не произлегува од една главна дефиниција за тоа како треба да изгледа нашава земја.
XS
SM
MD
LG