Достапни линкови

Зошто нема гледачи на домашните спортски натпревари?


Европското првенство за ракометарки, кое изминатите две недели се одржа кај нас, уште еднаш потврди дека македонската не само спортска јавност е гладна за квалитетни натпревари. Преполната сала „Борис Трајковски“, на дуелите на нашата репрезентација, која стигна до историски пласман на седмата позиција, како и извонредната атмосфера на трибините, ги воодушевија и студените Европејци, кои мораа да признаат дека вакво нешто, во позитивна смисла, не виделе во животот. Кога на тоа ќе се додадат долгите колони за влезници, кои ги немаше ниту за лек, како и појавата на веќе заборавените препродавачи, сликата е комплетна.

За волја на вистината големиот интерес за следење на значајните меѓународни дуели на нашите репрезентации и клубови е редовна појава. Но, прашањето кое сега пак се наметнува е зошто тоа не е случај и на домашната сцена. Фудбалските, ракометните, кошаркарските и одбојкарските средби во домашните лиги се играат во празни сали и стадиони, каде покрај најблиските на спортистите, скоро и да нема гледачи. Која е причината за тоа?

„Има многу валкани работи во спортот.“
„Не се толку атрактивни, нема спектакли“
„На запад од спортистите се прават познати личности и тоа има влијание.“
„Нема добри стручњаци кај нас, нема кој да им пренесе знаење на децата“
„Квалитетот на спортот дома е на ниско ниво“


велат љубителите на спортот, кои многупати покажале дека знаат што е квалитет, а особено пожртвувана игра. Токму имајќи го тоа предвид, а свесни и дека објективен проблем е недостатокот на финансиски средства, тие никогаш не им свртија грб на националните тимови. Напротив и тукушто завршеното ЕП потврди дека се подготвени да дадат голема поддршка за постигнување подобри резултати. Но, за да се случи тоа и на домашните дуели, потребно е:

„Да се исчистат валканите играчи внатре.“
„Треба да се сопре со политизација на спортот.“


порачуваат анкетираните граѓани. На потег се спортските работници.
XS
SM
MD
LG