Достапни линкови

Кризата со храна може да погоди над 100 милиони луѓе, потребни итни мерки


Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд предупредуваат на загрижувачките последици од зголемувањето на цената на храната во светот. Се верува дека доколку не бидат преземени итни мерки кризата со храната би можело да погоди над сто милиони луѓе. Во многу земји во последно време зачестија нередите поврзани со храната.

Претседателот на Светската Банка Роберт Цолиг побара итна акција за спречување на глобалната криза со храна. Според него, од растечките цени на храната би можело да бидат погодени над сто милиони луѓе во сиромашните земји.

„За само два месеца, цените на оризот пораснаа до скоро историско ниво, односно за седумдесет и пет насто. Во Бангладеш два килограми ориз чинат колку и дневната заработувачка на едно сиромашно семејство.“

Претседателот на Светската банка Роберт Целиг побара, како што го нарече, Нов договор за глобалната политика за исхрана. Неговото предупредување следуваше по претходното на шефот на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Штраус Кан дека стотици илјади луѓе се во опасност од гладување.

„Илјадници, стотици илјадници луѓе ќе гладуваат. Децата ќе страдаат од неухранетост со трајни последици во нивните животи.“

Изјави Штраус Кан, наведувајќи дека сето тоа ќе има негативни последици и врз глобалните економски текови, трговски односи и банкарски трансакции, што пак ќе загрози многу влади во светот.

„Значи тоа не е само хуманитарно прашање. Не е ни само економско прашање. Тоа е демократско прашање. И, како што сме поучени од историјата, ваквите видови прашања некогаш завршуваат со војна. “

Оценува Штраус Кан. Цените на храната во изминативе неколку месеци брзо пораснаа поради поголемата побарувачка, лошото време и се почестата употреба на земјиштето за земјоделски култури од кои се добива гориво за автомобилите. Сето ова доведе и до немири во многу земји. Премиерот на Хаити ја загуби довербата во парламентот откако во земјата избувнаа насилни нереди поради зголемените цени на храната и нафтата. Во Пакистан и Тајланд се распоредени војници за да ги чуваат стовариштата со храна. Според Програмата на Обединетите нации за земјоделство и храна, во моментов триесет и седум земји се соочуваат со криза за храна.
XS
SM
MD
LG