Достапни линкови

Во пракса нема олеснувања, се жалат студентите и транспортерите


Скоро два месеца по отпочнувањето на преговорите за либерализација на визниот режим, незадоволство кај студентите и кај возачите коишто често патуваат во земјите од Европската Унија. Иако спаѓаат во првата категорија граѓани за кои се најавени олеснувањата во визната процедура, велат дека засега не забележале позитивни промени. Освен тоа што визите се сега бесплатни, други олсенувања нема. Процедурите се се уште долги, а визите се издаваат со краток рок на траење, велат од асоцијацијата на камионски транспортери, МАКАМ-ТРАНС.

„Фактот дека пак добиваме визи на три месеци со еден влез, со два влеза, со три влеза, воопшто не е никакво олеснување. Транспортерите треба да бидат постојано мобилни и многу е поте“

изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на МАКАМ-ТРАНС

Претседателот на сојузот на студенти, Самуил Малчевски го опишува своето неодамнешно искуство за добивање виза за влез во една од земјите на Европската Унија..

„Се обратив во амбасадата на Словенија, требаше да патувам за Љубљана на студентска конференција, и покрај тоа што имаше писмо стигнато во Амбасадата, морав да ги поминам сите процедури и на крајот добив виза на интервенција на МНР.“

Но, за разлика од овие примери, поедноставувања на постапките за добивање визи почувствувале некои туристички агенции. Во една од нив ни кажаа дека сега нивните клиенти полесно и побрзо добиваат визи до саканите дестинации.

„Може да се забележи олеснување, документацијата е слична, намален е бројот на документи и генерално се чувствува,“

изјави Ирена Бешлиева, сопственик на една туристичка агенција

На 22 февруари годинава, Македонија и официјално ги отпочна преговорите за укинување на визите со Европската Унија. Потпретседателот на Европската Комисија, Франко Фратини тогаш изјави дека дијалогот за либерализација на визниот режим до крајот на годинава е возможна мисија, но само доколку
во текот на наредниот период заеднички и интензивно се работи на постигнување на таа цел.
XS
SM
MD
LG