Достапни линкови

Во Македонија и во Босна и Херцеговина денеска е Ден на жалост


Единаесетте припадници на АРМ кои загинаа во хеликоптерска несрека во близина на скопскиот аеродром на враќање од мировната мисија во Босна и Херцеговина денеска беа погребани со високи воени и верски почести. Погребните церемонии за водник Александар Тасковски, водник Александар Васиќ, заставник Тони Давитковски, потполковник Тони Спасовски и постар водник Јанко Шириќ беа одржани на градските гробишта во Бутел. Од нив се прости потполовник Владо Лазаров, командант на воздухопловниот ВИНГ на АРМ:

„Со единствените чувства, ние вашите колеги од военото воздухопловство достоинствено и со сета почит што ја заслуживте, за се што направивте на професионален план, за другарскиот и коректен однос што го имамве со сите вас, сите ние се поклонуваме пред вашиот оддар и се простуваме од вас пред вашето вечно почивалиште.“

Рече Лазаров кој прочита и телеграма од македонските војници во Афганистан:

„Работевте како припадници на АРМ ја извршувавте најблагородната работа што може да ја има еден човек и војник. Донесување на мир и благосостојба.“

На погребната церемонија присуствуваа најблиските на загинатите, претставници на државниот врв, на политичките партии, дипломатски претставници во Македонија, како и претставници од повеке земји главно од регионот, мегу кои и и делегација од мировната мисија на Европската унија во Босна. Останатите шеест од единаесетмината загинати беа погребани на гробиштата во местата каде што живееа, Драчево десетарот Златко Вељановски, во Камник мајор Горан Ристовски, Куманово капетанот Спасовски Бране и водникот Мики Ивановски, во Струмица заставникот Славчо Василев, Гевгелија капетан Игор Ѓоревски. И на овие погреби присуствуваа претставници на политичките партии. Во Македонија и Босна и Херцеговина денеска е ден на жалост, а отворени се и книги на жалост. По несреката што се случи во саботата континуирано пристигнуваат телеграми со сочувство до семејствата и претставниците на државниот врв. Во мегувреме продолжува истрагата за која од надлежните институции истакнуваат дека нема да се откриваат детали додека не се завршат сите истражни дејствија. Работат експертски тимови на Министерствата за внатрешни работи и одбрана, во присуство на истражен судија и заменик јавен обвинител.
XS
SM
MD
LG