Достапни линкови

Последна почит за Тоше Проески


Во Македонија денеска е Ден на жалост, но Тоше Проески го остави она што е најдоброто за човештвото и недостапно за пропаѓање. Навистина се губи неповратно само тоа што не е потрошено. Може да се сочува само она што го пренесува најдоброто во нас, добрината, умот, знаењето, надареноста. Со овие зборови, почитувачите на неговото дело, му оддаваат почит, пред платото на плоштадот „Македонија“ во Скопје, нарекувајќи го најдостоен претставник на генерацијата, кој остана запаметен по делата што ги остави зад себе. Тоше беше амбасадор, освои многу професионални награди во областа на музиката, освои награди за хуманост, ги освои сите граѓани од сите генерации, пишуваат илјадници луѓе од Македонија, во книгите отворени од вчера во центарот на Скопје, во негово сеќавање:

„Остави свои песни и својот лик, секогаш ќе го паметам.“
„Во негова чест треба нешто да се направи.“
„Не само неговиот глас, не само неговата харизма како ѕвезда, туку и како морален лик.“
„Постојано Тоше беше сам, постојано се самоорганизираше.“
„Беше голем човек, направи големи работи, а никогаш не се фалеше со тоа.“


Не само на плоштадот, луѓето во земјава и во Скопје насекаде се со Тоше, со неговата песна која останува да се слуша, со неговите дела, со неговиот морален лик, почитуван и прифатен од сите, неговата хуманост особено ја покажа кај младите луѓе. Со последниот концерт на „Градскиот стадион“, тој најмногу сакаше да им помогне на младите да имаат услови да учат. Позитивното што тој го направи кај младата генерација, направи тој да остане придобивка:

„Ќе ми остане идол.“
„Учениците заминаа, и ние како професори не можевме да останеме неми. Дојдовме да оддадеме почит“
„Односот кон неговото семејство, кон неговите родители, младите имаат модел на којшто ќе се угледуваат.“
„Тоше е еден од оние личности, оние луѓе кои толку многу убави нешта сториле за нас Македонците и Македонија, што заслужува да му дојдеме и да му оддадеме почит.“


Поради загинувањето на Тоше Проески, владата на вчерашната седница го прогласи денот на погребот за Ден на жалост, а тој постхумно за заслужен граѓанин на Република Македонија. Поради ова Собранието денеска ги одложи активностите.
XS
SM
MD
LG