Достапни линкови

Какво е влијанието на Ана Политковскаја врз политичкиот живот?


Неколку дена откако руската новинарка Ана Политковскаја беше убиена, претседателот на Русија, Владимир Путин, го омаловажи нејзиното јавно значење, велејќи дека иако таа била позната во новинарските кругови, нејзиното влијание врз рускиот политички живот било минимално. Оние пак кои ја познавале Ана, не се согласуваат со ваквите тврдења.

Дури и пред нејзината смрт, Ана Политковскаја и нејзината работа беа постојано деградирани од властите, кои од неа сакаа да создадат имиџ на комерцијална новинарка чии извештаи предизвикуваат мало влијание врз читателите. Федералната безбедносна служба на пример, јавно ја обвини дека ги користела своите патувања во Чеченија за да ги реши финансисиките проблеми во нејзиниот весник, Новаја Газета, сугерирајќи дека таа била платена од непознати извори да пишува текстови што се критични кон власта. Луѓето кои ја познавале Политковскаја пак, ваквите тврдења ги сметаат за навредливи.
Една од нив е Марина Кондратиевна, вдовица на руски војник која Ана ја запознала во летото 2001 година.

„Општетството е толку корумпирано и гнило, што искрено многумина не ни помислуваат дека некој може чесно да ја работи својата работа и во целост да ги исполнува обврските. Таа не само што ги исполнуваше своите новинарски, туку и човечките обврски, зошто чувствуваше и разбираше дека земјата е во провалија.“

Вероника Шахова, новинарка од Башкортостан и помогнала на Политковскаја да собере материјали за бруталноста на полицијата по серијата рации во градот Благовешченск во 2004 година.

„Кога таква одвратност е насочена кон неа, тоа е најверојатно банална љубомора кон една личност, кон еден новинар или можеби кон убава жена , која никогаш нема да се покори на некој. Секој што поминал пет минути со Ана, па дури и еднаш во животот никогаш не би верувале на ваквите тврдења. И јас не им верувам. “



Властите во Русија честопати сугерираа дека текстовите на Ана отворено ја застапуваат про-чеченската страна. Но, Јела Кесајева, која загубила неколку членови на семејството во терористичката опсада во Беслан, ги отфрла ваквите тврдења.

„Сето тоа е лага.Таа не ја бранеше страната на војската, таа бранеше поединци. Кажуваше имиња, ја проучуваше нивната историја, ја истражуваше трагедијата на секоја личност. Таа никогаш не поставуваше претпоставки, туку се поткрепуваше со докази. А, ние читателите ги донесувавме заклучоците.“

вели Кесајева

Ставовите на Политковскаја ги поддржуваа неколкумина руски новинари, но и политичари.
XS
SM
MD
LG