Достапни линкови

Имер Селмани, министер за здравство. Реогранизацијата на Клинички центар за подобри услуги


Трансформацијата на Клинички центар треба да почне на 1 август. Не е ли доцна сега да се бара помош од странски консултант, како да се спроведе поделбата на највисоката здравствена институција? Некои велат, потребен ли е консултант однадвор, зошто официјален концепт отсутвува?

Смешни се овие коментари, затоа што отсутвува внатрешен концепт. Ние веќе го спроведуваме концептот. Ние имаме концепт и одлука на владата, коишто е содржински и ги предвидува сите чекори. Ангажиањето на консултантска куќа, не само во Клинички центар, како една реорганизација, туку и во сите други сфери да имаме консултанти е да се имплементираат при процесот на спроведување на овие трансформации или реорганизации најдобрите искуства, коишто некогаш може да видат и одредени детали коишто би ја усовршиле целата постапка околу реорганизацијата.

Зошто сега, на неколку недели пред почетокот?

Конкурсот е објавен пред неколку месеци. Постапката за евалуирање на соодветните компании, трае неколку месеци според постапките на Светска Банка. Сега, после долги селекции сме дојдени на две фирми кои најмногу ќе ни одговараат, така што не ни текнало пред два дена или две недели да објавиме конкурс. Овој конкурс е објавен веднаш после Нова година. Осум или девет фирми аплицираа, две најдобри се избрани, мислам дека е една француска и една шпанска, а одлуката на крајот ја носиме заедно со Светска банка и во таа насока ќе ја одбереме најдобрата.

Колку ќе чини ангажирањето на странска консултантска куќа?

Не би знаел. Според постапките на Светската банка ние обично одредуваме одреден буџет којшто во овој случај може да се движи најмногу до сто илјади евра, но потоа понатаму тој буџет може и да се намали во зависност од нивните понуди.

Велат дека во Клинички има разочараност меѓу многу професори. Дали за вас, како министер заслужуваат внимание нивните барања да се преиспита моделот и посочувањето дека овој модел на трансофрмација води кон приватизација на Клинички центар, односно негово растурање?

Ако ние одлучиме да приватизираме, нема да трансформираме. Ќе ја придадеме и ќе завршиме работа. Значи, концептот не е приватизација туку реорганизација. Со поставување на здрави нозе и да стане сервис за пациентите од највисоко ниво и во исто време да не биде само врвна здравствена, туку и врвна научна и образовна институција. Дали се разочарани одредени професори, јас не би рекол професори, туку можеби одреден број здравствени работници, кои, ако ги гледаме ревизорските извештаи и она што добиваат кривични пријави, очигледно дека не им било лошо да се збогатат во минатото, и да стекнуваат милионско богатство. Така што, веројатно – тие се разочарани.

Поради ограничените буџети, има лекари кои велат дека имаат две операции месечно. Како ќе функционираат интерклиничките упати за пациентите со повеќе болести доколку интенција на секоја клиника е да штеди?

Нема ниту една здравствена установа во светот, не кај нас, којашто не треба рационално да работи и да штеди таму каде што треба и да троши таму каде што треба. Затоа, не треба да ги искривуваме работите, и да измислуваме дека постои некаде во светот здравствена институција којашто може да троши толку колку што сака. Фондот за здравство има буџет одобрен од парламентот секоја година. Значи, интенцијата е да се воспостави отчетен начин на трошење на здравствените пари. Затоа, не само што ќе има буџети, туку и ригорозни буџетски контролори коишто секоја фактура, исплата ќе ја контролираат. Од друга страна, имаме и друг проект, којшто се вика интегрирана информатичка техниологија, којшто во детал ќе предвиди и ќе отчитува секој трошок на секој здравствен денар, без разлика дали се болници или установи.

Има установи кои имаат проблем со основен потрошен материјал. Зошто доаѓа до ова?

Потрошните материјали ги купува јавната здравствена установа, за којашто има буџет. Ако јас сум критикувал некого и ќе критикувам се тие установи што нема да успејат да го потрошат својот буџет. Значи, има јавни здравствени установи, клиники, кои не успеваат да спроведат тендери, постојано се жалат дека им пропаѓаат тендерите, а притоа при имање пари не ги искористуваат. Во такви ситуации имаме клиники без основни помагала. И при тоа, она што најмногу ме иритира, пациентите се препраќаат во некоја веледрогерија и по цена да ги купуваат два три пати поскапи помагалата, а притоа со пари од Фондот да им се рефундираат средствата на тие осигуреници. Тука е криминалот и тој тријаголник кој постојано се случувал во Клинички. Сега, нема да може да биде така, затоа што ќе добијат јасна наредба, односно јасен бизнис план, не две операции, тоа е премалку, во една државна болница, каде што прима плата, дали за две операции, дали за пет операции неделно иста плата добива, директорот да даде наредба да нема повеќе од две операции. Каде има логика? Освен во намерно создавање листа на чекање на пациентите или создавање циклус на корупција. Ние на сите директори кои се жалеле дека немаат соодветен материјал или имаат проблем, сме им рекле, донесете наменски, колку во буџет ви треба за конци, игли, за трета и четврта работа, ние ќе ви ги дадеме тие пари со задоволство. Знаеме дека тие пари нема да одат на плата или туристичко патување, туку тие пари одат за нашите граѓани и нашите пациенти. Немаме такво барање.
XS
SM
MD
LG