Достапни линкови

Србите во северна Митровица на протест против планот на Ахтисари


Србите на Косово за денеска закажаа протести во северна Митровица против планот на специјалниот пратеник на Обединетите Нации за статусот на Косово Марти Ахтисари. За утре пак, во Приштина протести против овој план закажаа албанците. Во меѓувреме, официјален Вашингтон вели: научивме дека етнички мешаните средини на Балканот можат да бидат запаливи.

Специјалниот пратеник за статусот на Косово Марти Ахтисари по вчерашните разговори во Њујорк со генералниот секретар Бан Ки Мун изјави дека е подготвен да разгледа секое компромисно решение што би го понудиле двете страни. Ахтисари прецизира дека Белград и Приштина го сфатија неговиот план, што го претстави во минатата недела, како меѓународно надгледувана државност која води до независност на Косово.Тој одби да каже дали се согласува со ваквата интерпертација на неговиот план од двете страни. ,,Не сакам да шпекулирам каков ќе биде статусот, пред да ја завршам работата на предлогот,, вели Ахтисари, додавајќи дека тој јасно ќе биде дефиниран во предлогот што во идниот месец ќе му го понуди на Советот за безбедност.

„Ние се уште им даваме уште една шанса на страните доколку тие се подготвени за натамошни разговори. Целата работа би можело да биде завршена во текот на германското претседавање со Европската Унија, односно до крајот на јуни годинава.“

Вели Ахтисари. Неговите забелешки дојдоа откако Србија вчера и официјално побара одлагање на конечните разговори за идниот косовски статус кои се закажани за тринаесети овој месец во Виена. Во врска со ова Ахтисари сепак, вели дека би се согласил на една недела или десетина дена одлагање, со цел да се формира новиот српски парламент кој пак го одредува преговарачкиот тим. Во меѓувреме, расте загриженоста за тоа какви последици би предизвикал идниот косовски статус врз Балканот. Запрашан директно за можните ефекти врз Македонија со оглед на неодамнешниот конфликт во земјата, портпаролот на американскиот Стејт Департмент Шон Меккормак вели:

„Постои загриженост за она што се случува со Косово и низ Балканот, бидејќи како што научивме во изминативе петнаесет, дваесет години, етнички мешаните средини во тој дел на светот можат да бидат запаливи. И она што меѓународната заедница се обидува во изминативе петнаесет години е да најде патишта таквите заедници да ги решаваат разликите на мирен начин.“

Изјави портпаролот на Стејт Департментот Шон Мекормак додавајќи дека секое поместување на еден дел од мозаикот би можело да има ефекти низ другите делови на регионот.
XS
SM
MD
LG