Достапни линкови

Демаркација во контекст на договорот за статусот


Од седиштето на Европската Унија во земјава не сакаат да ги коментираат изјавите на
косовскиот премиер Агим Чеку , кој отворено соопшти дека не го признава договорот помеѓу српските и македонските власти за одбележување на границата. Од таму велат дека нивната позиција во однос на границата со Косово останува непроменета.

„Прашањето за демаркацијата на границата ќе биде решено во контекст на договорот за статусот на Косово. Ова е ставот на Европската Унија уште од почетокот и истиот останува непроменет.“

изјави Андреа Анџели, портпарол на Европската Унија во земјава

Според актуелниот претседавач со ОБСЕ, белгискиот министер за надворешни работи, Карл де Хухт, изнаоѓањето на трајно решение за овој проблем, бара значаен напредок во исполнувањето на одредени стандарди. Дури потоа треба да се пристапи кон конечно решавање на статусот на Косово.

„Сите земји во соседството во овој случај би требало да практикуваат висок степен на самовоздржаност во изнаоѓањето на трајно решение,“

е коментарот на де Хухт.

Шефот на македонската дипломатија Илинка Митрева денеска уште еднаш го повтори ставот на македонската влада. Демаркација на границата пред утврдување на конечниот статус на Косово.

„Да повториме, официјалниот став на Република Македонија, дека демаркацијата на границата, како техничко прашање треба да биде завршена пред изнаоѓањето решение за финалниот статус на Косово,“

изјави Митрева

Спорот Македонија-Косово започна во 2001 година, кога беше потпишан договорот за одбележување на границата меѓу српските и македонските власти. Се работи за околу 2.500 хектари земја, кои според косовските власти, им се дадени од Белград на Скопје. За македонските власти, тој договор е меѓународно валиден, затоа што е депониран во Обединетите Нации.
XS
SM
MD
LG