Достапни линкови

Љупчо Јордановски, претседател на Собранието на Република Македонија. Сите термини за избори се во игра, од петти јули до крајот на септември


Господине Јордановски, изборниот законик се донесе, меѓународната заедница многупати укажуваше на неговата важност. Дали тој, според вас, ќе обезбеди одржување фер и демократски избори?

Јас сметам дека една правна регулатива е потребна, каде што и оние недоречени работи кои даваат можност да се злоупотреби изборното право да се регулираат. Инаку, сите знаеме дека изборен закон или било каков закон не значи дека ќе имаме она што сакаме да го имаме. Сепак, тоа зависи од политичката култура на политичките партии што ќе учествуваат на изборите.

Кога може да се очекува датумот за распишување избори?

Сите термини се во игра. Најрано е петти јули, последен е крај на септември.

Во јавноста постои мислење дека извршната власт има големо влијание врз законодавната власт, мислите ли дека власта го злоупотребува парламентот за политички цели?

Во парламентот седат политички партии, седи мнозинството коешто ја поддржува владата, така што, не може секој закон којшто се прифаќа од страна на мнозинството, а предложен од владата, да се смета дека тоа е диктат на владата, зашто и пратениците и владата ги добиле изборите на програма, и кога владата ја реализира таа програма, нормално е пратениците од мнозинството да гласаат, бидејќи тоа е и нивна програма.

Кај нас, често се менуваат законите. Последен е примерот со изборниот законик, кој се менува речиси пред секои избори. Според вас, зошто тоа се случува? Зошто законите немаат подолг рок на траење?

Законите кај нас дали често се менуваат или не, тоа се прашања на перцепција, но факт е дека општеството се менува и оди напред. Генерално, никој не може да напише идеален закон. Мислам дека е коректно, дека ако се види дека некои членови не функционираат во пракса, да се изменат, за да се спречи тоа.

Колку владината програма е блиска до изборните ветувања? Односно, колку од она што е ветено е преточено во закон?

Ако ги мерите процентуално, можеби она што оваа влада го има направено, мислам дека 80 насто по квалитет, не можеме просто да кажуваме една третина, зашто имавме три ветувања, стабилност, економија и вработување, што фактички е импликација од подобрување економско. Ако просто математички гледаме може да кажеме една третина, но работите не може да се гледаат црно – бело. Се има своја тежина. И јас сум задоволен од она што на политички план е направено во Република Македонија, сега е безбедна и политички и безбедносно. Тоа го потврдуваат и дипломатите со кои сум во контакт и имаме средби. И тоа е заслуга на сите пратеници и опозиција и позиција, бидејќи ако немаше согласност за уставните амандмани, на пример, тогаш опозицијата можеше да го блокира целиот систем.

Повеќе од две години бевте претседател на собранието. Во тој период честа слика беше немањето кворум и отсуството на пратениците. Што би му препорачале на вашиот наследник? Што треба да направи за да ја зголеми ефикасноста на парламентот?

Можеби впечатокот во јавноста е дека немало кворум, и можеби тој впечаток е затоа што јас бев упорен да има кворум. И затоа чекав. Го воведов тоа правило од десет минути да се собере кворум, за да се изгласа законот. Инаку, тоа не беше голема болка на овој парламент. Дури, мислам дека со бројот на закони што го донесовме, кворумот никогаш не бил проблем на парламентот.

Што беше најголема болка во овие две години додека сте претседател на собранието?

Најголема болка е тоа што парламентот треба да има одредена функционална и деловничка независност од владата, не зборувам политички, затоа што сепак седат политички партии во парламентот. Така што, ние од тој аспект немаме слобода да можеме сами да одлучуваме за некои работи. И затоа и јас еден од проектите што ќе ги оставам во аманет за следниот претседател и состав е да се донесе закон за парламент. На пример, ние буџетски зависиме од извршната власт. Јас имав концепт да не жалам пари кога станува збор за средби на парламентарците меѓународни и контакти. И тука ни признаваат сите парламенти, па и одредени институции како Пактот за стабилност, дека нашиот парламент е најактивен во регионална и меѓународна соработка и мислам дека тоа е корисно, но сепак ние сме лимитирани.

Кои ќе бидат вашите приоритети на вашата идна функција, амбасадор на Република Македонија во САД?

Можам веднаш да кажам три приоритети. Едниот е поголемо наше присуство во конгресот. Работејќи од овде, во меѓународната комуникација, за прв пат за една – две недели оди делагација на пратеници и служби во Конгресот. Еден од нашите приоритети ќе биде воспоставување потесна врска меѓу нашиот парламент и конгресот, значи да имаме таму наши луѓе, коишто ќе ја знаат реалноста во Македонија. Потоа, имав средба со претходниот амбасадор и тоа ми остана како аманет, да поработиме малку со нашите иселеници таму. Има луѓе кои имаат потекло од Македонија и живеат таму. Трет приоритет е да поработам повеќе за таму да можеме да се претставиме во научно културно поле, затоа што јас сум студирал во Америка и знам дека можеме да се носиме сосема солидно со знаењата и што значи култура и наука. Економијата генерално сепак лично сметам дека може да се презентираме, кои се нашите можности. Но, економијата по мене е прашање на самата Македонија. Треба да создаде бизнис амбиент.

Конкретно, еден од најгорливите проблеми на Република Македонија, проблемот со Грција со името, како ќе делувате во таа област?

Видете, премиерот изјави и мислам дека тука има една согласност дека годинава бидејќи е изборна и кај нас и кај нив проблемот со името нема да се отвора. А, нашиот став се знае, и стојам на тој став, сметам дека секој народ има право да си го одбере името.

Еднаш изјавивте дека во САД ќе ги користите своите лични пријателства. Колку вашите лични пријателства може да помогнат и за државата?

Моите познанства што ги имам и треба да ги обновам може да придонесат многу. На крајот на краиштата доволно е во клучна дебата, некаде во Конгресот или на некој семинар, твојот пријател да го каже вистинскиот став за Македонија, тоа после се слуша и се шири.

И за крај, како ги оценувате билатералните односи меѓу Македонија и САД?

Јас мислам дека Америка е една од земјите со коишто имаме навистина најдобри не само политички и други односи. Тоа е наш, и треба да биде наш стратешки пријател. И од тој аспект мислам дека ќе ми биде малку полесно како амбасадор, затоа што веќе се создадени пријателските односи меѓу Македонија и САД и ќе настојувам да се развиваат, и покрај тоа што се на високо ниво, секогаш може да бидат и подоби и повисоки.
XS
SM
MD
LG