Достапни линкови

Во Македонија веќе не се одлегува памук


Во Македонија веќе не се одгледува памук. За последен пат ова индустриско растение е запишано во државните регистри во 1997та година, кога биле засеани само 6 хектари. Од таа површина се ожнеале 8 тони суров памук. Упатените велат од 8 тони памук не можат да се сошијат ниту јоргани за најмалото село во земјава. Но, Македонија памети и 30 илјади ожнеани хектари. Во времето на Југославија од памук живееле илјадници семејства од југоисточниот дел на Македонија. Ристо Тодоров од село Ињево, кај Радовиш, се сеќава-

„Луѓето тоа го правеа како што одгледуваат стока, се правеше влакно, па платно, што викаат луѓето – Билјана платно белеше. Во последно време не сум го видел тоа. Во Грција сум видел и се прашувам зошто нема кај нас?“

Никој нема интерес да произведува памук оти бара огромни површини, а приносот е мал. Се сее на крајот од април а бербата е дури во октомври. На земјоделците половина година земјиштето им е заробено. Колку за споредба, краставиците стигнуваат до берба за 40 дена. Доцент Зоран Димов од земјоделскиот факултет вели- за да се одгледува памук потребна е и софистицирана механизација-

„Треба да го соберете, да го одвоите влакното од семето, сега тоа е софистицирано, но Македонија нема услови. Можеби би ги имала, ако се одгледува памукот со динамика во 50-тите години.“

Од памукот 35 насто е влакно, а остатокот семе, кое исто така е корисно, оти се користи за производство на сапуни. Но, ако маслото од семето се рафинира, станува квалитетно и за јадење. Во светот годишно се произведуваат 2 милиони тони памучно семе и со тоа памукот е еден од најголемите извори на растително масло.
XS
SM
MD
LG