Достапни линкови

Спроведувањето на децентрализацијата во образованието, со најмногу проблеми


И централната и локалната власт се согласуваат, најтешко се спроведува децентрализацијата на образованието. Градоначалниците велат дека нејаснотиите во законот за локална самоуправа доведува до конфликт на надлежностите, па така во дејноста што најмалку треба да има политизација, доаѓа и до смена на директорски места. Прилепскиот градоначалник Марјан Ристески вели дека власта не ги почитува законите:

„Иако во законот за основно и средно образование е строго пропишано дека директорите мора да имаат високо образование, ние до пред неколку дена во Прилеп имавме директори на училишта само со вишо образование. Шест директори не успеаа да добијат лиценца, а четворица од нив воопшто немаа високо образование.“

Од друга страна, градоначалниците треба да ги решаваат проблемите со дијалог, коментира градоначалникот на Карпош, Андреј Петров:

„Од една страна не би можело да се толерира да има директори со несоодветно образование, но од друга страна градоначалниците треба на многу повнимателен начин да ги влечат потезите. Значи прво да се обидат да ги решат проблемите со дијалог, а не од позиција на сила.“

Проблемите се наметнуваат заради изолирањето на градоначалникот, при што тој нема одврзани раце за работа, додава Петров. На конфликтот на надлежности се надоврзуваат и проблемите со финансирањето на општините:

„Ако претходните години училиштата во Прилеп добивале 12 милиони денари за огрев, ние оваа година добивме помалку од половина, односно 5,5 милиони денари. Општините сеуште не се толку финансиски моќни за да ги покриваат овие трошоци имајќи предвид дека општините ги наследивме со огромни долгови.“

објаснува прилепскиот градоначалник.
Сепак, колку градоначалникот е задоволен од парите со кои располага, зависи и од тоа дали тој е од опозициските партии или од партиите на власт:

„Реално средствата за образование се движат од прилика колку што се движат средствата добиени од Министерството за образование.“

вели чаирскиот градоначалник Изет Меџити.
Да се децентрира образованието значи да се опфати голема група засегнати, децата, нивните родители и вработените во образовниот систем.
XS
SM
MD
LG